Голем студентски протест на 1 март во Ниш под мотото „Државата, тоа сме ние“ најави група студенти од Универзитетот во Ниш, кои соопштија дека собирот ќе се одржи на годишнина од студентскиот протест во градот, со почеток во 16 часот на две локации — кај Апелацискиот суд и на кружниот тек кај трговскиот центар „Делта планет“, по што е предвидено заедничко движење кон центарот на градот.
Според најавената програма, учесниците потоа ќе се упатат кон Плоштадот крал Милан, каде што ќе положат венци на споменикот на ослободителите на Ниш. Во 17:45 часот е предвидено емитување на химната „Боже правде“, а во 18 часот треба да почне програмата „Моја татковина“.
Во 18:10 часот, според објавата, ќе следуваат 16 минути молк за 16-те загинати при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година. По тоа, најавени се програмите „Што те нема“, „Државата, тоа сме ние“ и „Вклучи се и ти!“, кои треба да траат до 19:15 часот, кога е предвиден настап на Блокадниот хор, а завршувањето на собирот е најавено за 19:30 часот.
Во пресрет на протестот, истата група студенти почнала серија трибини низ југот на Србија под назив „Недела на слободата на југот на Србија“. Во најавата се наведува дека темите на трибините се екологија, економија, локална самоуправа, слобода на медиумите, репресија, здравство и корупција.
Студентите, како што пренесуваат српските медиуми, порачуваат дека преку трибините сакаат да разговараат, да се поврзат и заеднички да се борат за правда, вистина и функционална држава. Во објавата се наведени и локации за трибини во Прокупље, Лесковац, Пирот, Врање и Алексинац во деновите пред протестот во Ниш.