Коридор 8 и 10д во декември 2025 година влегол во фаза на засилен теренски ангажман, со 2.098 лица и 1.269 парчиња вкупна опрема на градилиштата, покажува извештајот на Надзорниот инженер за прогресот на работите што Јавното претпријатие за државни патишта го објави на својата веб-страница.
Во истиот период продолжиле земјаните работи на делниците Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани и Прилеп–Битола. Активностите, според извештајот, опфаќаат расчистување на терен, отстранување на хумус, ископ на неподобен материјал, ископ од усеците на трасата и транспорт и насипување на погоден материјал, со мерки за заштита на косините таму каде што е потребно. Заклучно со крајот на декември 2025 година, евидентирани се повеќе од 5,0 милиони кубни метри ископ и 1,6 милиони кубни метри насип.
Паралелно со земјаните работи, во декември се работело на 11 мостови, 10 натпатници и четири потпатници. Продолжиле активности на колови, темели, столбови, коловозни плочи и производство и поставување на греди и носачи, а во извештајот се наведуваат и конкретни позиции на кои се поставувале греди на објекти на траса. До крајот на месецот се регистрирани 21.350 метри колови, а за конструкциите се изведени 63.000 кубни метри бетонски работи.
Напредокот во инфраструктурните „подземни“ сегменти е прикажан преку податоците за одводнувањето. Работите на плочести и цевасти пропусти, како и внатрешно и надворешно одводнување, биле во тек на делници 1, 2 и 4, со активности на десетици пропусти по делници. Заклучно со декември 2025 година се евидентирани 13.600 кубни метри бетонски работи за одводнување, како и поставување маслофаќачи на делница 4.
Финансискиот пресек за месецот покажува дека во декември лани на изведувачот му биле исплатени 1.180.803.394 денари. Воедно, во објавата се наведува дека во текот на 2025 година на конзорциумот „Бехтел и Енка“ биле исплатени вкупно 147 милиони евра, а за годинава се планирани 103 милиони евра.