Вучиќ за Зидојче цајтунг ги критикуваше и Путин и Трамп за Србија

Вучиќ за Зидојче цајтунг изјави дека Србија се соочила и со руски притисоци поради закани за прекин на испораката на гас и со американска воздржаност кон политиката на косовските власти, оценувајќи дека Белград морал да ги брани сопствените национални интереси и дека не е ничија марионета.

Според написот, српскиот претседател признал дека односите меѓу Белград и Москва заладиле за време на минатогодишните преговори за сопственичката структура на НИС, кога од Русија, како што тврди, стигнувале закани за прекин на испораката на гас. Тој посочил и дека руските медиуми тогаш го напаѓале поостро отколку многу западни лидери.

Вучиќ во интервјуто навел дека дел од муницијата произведена во Србија, преку посредници, завршила во Украина и дека за тоа отворено разговарал со рускиот претседател Владимир Путин на средба во Пекинг на 2 септември 2025 година. Во истиот контекст, тој потсетил дека Србија не вовела санкции кон Русија и додал дека во српскиот воено-индустриски сектор работат околу 28.000 луѓе.

На прашањето дали е време Србија да им се приклучи на санкциите на Европската унија против Русија, Вучиќ одговорил дека тоа прашање, според него, припаѓа на минатото, бидејќи Европа ја очекуваат поголеми предизвици. Притоа предупредил дека кризата во Иран може да предизвика сериозни политички последици и значајни промени и во европските општества и во САД.

Тој упатил критики и кон администрацијата на Доналд Трамп, оценувајќи дека Вашингтон не зазел поостар став кон политиката на косовскиот премиер Албин Курти кон Србите на Косово. Во интервјуто Вучиќ зборувал и за предлогот, што го промовира заедно со албанскиот премиер Еди Рама, земјите кандидати побрзо да се интегрираат во единствениот европски пазар и Шенген, и без полно членство во ЕУ.

Зачлени се на нашиот е-билтен