Оскарите 2026 влегуваат во завршница со невообичаено отворена трка пред церемонијата закажана за 15 март, на која домаќин повторно ќе биде Конан О’Брајан, а најголемото прашање е дали вечерта ќе ја одбележи политичкиот еп „One Battle after Another“ или доцниот налет на „Sinners“. Наместо една јасна доминација, Холивуд оваа година доби сезона во која најважните категории останаа неизвесни речиси до самиот крај.
Во трката за најдобар филм, официјалната листа на Академијата ги вклучува „One Battle after Another“, „Sinners“, „Hamnet“, „Marty Supreme“, „Sentimental Value“, „The Secret Agent“, „Train Dreams“, „Bugonia“, „F1“ и „Frankenstein“, но и според странските медиуми , главната пресметка се сведува на првите два наслова. „One Battle after Another“ влезе како ранен фаворит по успесите на Златните глобуси, Critics Choice и БАФТА, додека „Sinners“ силно се врати во игра по победата на наградите на актерското здружение и во меѓувреме стигна до вкупно 16 номинации, што Reuters го опишува како рекорд во историјата на Оскарите.
Во актерските категории, најмалку неизвесност има кај најдобра актерка, каде што Џеси Бакли за „Hamnet“ се наметна како најцврст фаворит и во анализите и во проценките што ги сумира Reuters. Но кај најдобар актер трката е многу позаплеткана: Мајкл Б. Џордан доби силен замав со „Sinners“, Тимоти Шаламе останува сериозен конкурент, Леонардо Дикаприо е во игра со „One Battle after Another“, а Вагнер Моура се споменува како кандидат што може да донесе изненадување со „The Secret Agent“.
Ништо помалку непредвидливи не се ниту споредните улоги. Во категоријата за споредна машка улога се вртат имиња како Шон Пен, Бенисио дел Торо и Стелан Скарсгард, додека кај споредна женска улога се издвојуваат Тејана Тејлор, Ејми Медиган и Вунми Мосаки. Токму тие категории се местото каде што Оскарите 2026 најлесно можат да направат нагол пресврт и да ја оттурнат вечерта од очекуваното сценарио.
Дополнителна тежина на оваа година ѝ дава и фактот што Академијата има силно меѓународно присуство во номинациите, а Reuters бележи дека секоја категорија има барем еден неанглиски наслов меѓу кандидатите. Во таква поставеност, Оскарите 2026 не изгледаат како вечер со однапред напишан победник, туку како церемонија во која може да пресуди и последниот бран расположение во самата Академија.