Белата куќа разгледува план за казнување на членките на НАТО за кои претседателот Доналд Трамп смета дека не обезбедиле доволна поддршка за САД и Израел за време на војната со Иран, потврдиле претставници на администрацијата за Виолстрит Џурнал. Предлогот вклучува преместување на американски трупи од земјите за кои ќе се оцени дека не придонеле доволно во воените напори, во оние кои покажале поголема поддршка.
Овој план, кој во последните недели добил поддршка меѓу високи функционери, сè уште е во рана фаза, но претставува еден од неколкуте начини на кои Белата куќа сака да го казни Алијансата. Сепак, тој е значително поблаг од неодамнешните закани на Трамп за целосно повлекување на САД од НАТО, за што законски нема овластување без одобрение од Конгресот. Планот воедно го нагласува растечкиот јаз меѓу администрацијата на Трамп и европските сојузници по одлуката за започнување на војната со Иран.
Средба со генералниот секретар на НАТО
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во средата пристигна во Вашингтон на средба со Трамп. Руте, и покрај тензиите во трансатлантскиот сојуз, се обидува да ги продлабочи врските со американскиот претседател и бил меѓу оние кои го одвратиле од идејата за преземање на Гренланд.
„Прилично е жално што НАТО во последните шест недели му сврте грб на американскиот народ, токму народот кој ја финансираше нивната одбрана“, изјави портпаролката на Белата куќа, Karoline Leavitt. Таа додаде дека Трамп планира да има „отворен и искрен разговор“ со Руте.
Подоцна истата вечер, Трамп се огласи на социјалната мрежа Truth Social: „НАТО го немаше кога ни требаше и нема да го има ако повторно ни затреба“, напиша тој.
Прераспределба на силите во Европа
САД имаат стационирано околу 84.000 војници во Европа, иако бројката варира зависно од воените вежби и ротации. Американските бази се клучни за глобалните воени операции, носат економски бенефити за земјите домаќини и служат како средство за одвраќање на Русија, особено во источна Европа.
Засега не е познато кои земји би можеле да останат без американски трупи, но повеќе членки го налутиле Трамп откако се врати на власт, особено со нивните критики за војната со Иран.
Шпанија, единствената членка што не најавила издвојување од 5% од БДП за одбрана, им забранила на американските авиони користење на нејзиниот воздушен простор за операции во Иран. Администрацијата е незадоволна и од Германија, чии високи функционери ја критикувале војната, иако земјата е едно од најголемите логистички центри за американските операции на Блискиот Исток.
Италија исто така накратко го блокирала користењето на американска воздушна база на Сицилија, додека Франција дозволила користење на база на југот од земјата само под услов таму да не слетуваат авиони вклучени во напади врз Иран.
Според двајца функционери, планот би можел да вклучува и затворање на американска база во најмалку една европска земја, можно во Шпанија или Германија.
Од друга страна, земјите кои би можеле да профитираат од покажаната поддршка се Полска, Романија, Литванија и Грција. Источноевропските членки имаат едни од највисоките издвојувања за одбрана во Алијансата и меѓу првите ја поддржаа меѓународната коалиција за надзор на Ормутскиот теснец. Романија брзо одобрила користење на своите бази од страна на САД по почетокот на војната.
Таквиот развој може да доведе до распоредување на поголем број американски трупи поблиску до руската граница, што веројатно би предизвикало негативна реакција од Москва.
Сè подлабока недоверба
Трамп во понеделникот изјави дека е „многу разочаран“ од НАТО и дека неподготвеноста на сојузниците да ги поддржат САД во војната е „дамка која никогаш нема да исчезне“. Во последните недели често ја критикува Алијансата и со своите соработници ја разгледува можноста за целосно напуштање.
Европските функционери возвраќаат дека не биле претходно консултирани за војната, што ја отежнало координацијата на воениот одговор во првите денови од конфликтот.
Војната со Иран е последна во низата дипломатски кризи со кои се соочува Алијансата од враќањето на Трамп на власт. Тој ги налути сојузниците и со високи царини за европските производи, контактите со Владимир Путин околу мировните преговори за Украина, како и дипломатската криза со Данска поради обидот за анексија на Гренланд.
Да потсетиме, за време на својот прв мандат во 2020 година, Трамп нареди повлекување на околу 12.000 војници од Германија, но таа одлука беше поништена од претседателот Joe Biden по преземањето на функцијата во 2021 година.