Од декември, младите мажи во САД би можеле да бидат автоматски регистрирани за војна служба, што значително ќе го промени досегашниот систем кој се темелеше на доброволно пријавување.
Според новото правило предложено од владината агенција, младите мажи би биле регистрирани автоматски откако ќе наполнат 18 години, наместо да мораат сами да се пријават во рок од 30 дена. Владините претставници наведуваат дека автоматската регистрација ќе заштеди милиони долари секоја година, кои досега се трошеле за потсетување на потенцијалните регрути.
Сепак, предлогот сè уште се анализира и треба да биде официјално одобрен пред да се примени. Планот предизвика стравувања од можно задолжително регрутирање во случај на криза.
Последен пат младите мажи биле регрутирани во американската војска во 1973 година, по години масовни протести против воениот ангажман за време на Виетнамската војна.
Системот за селективна евиденција (SSS) доставил предлог до Канцеларијата за информации и регулаторни прашања на 30 март. Предлогот предвидува пренос на одговорноста за регистрација од поединецот на SSS, со интеграција со други федерални бази на податоци, што го прави процесот поедноставен.
Младите мажи на возраст од 18 до 25 години се должни да се регистрираат. Нејавувањето е кривично дело кое теоретски може да донесе петгодишна казна затвор, иако во практика никој не оди во затвор. На лицата кои не се регистрирани може да им биде ускратена федералната студентска помош или можат да бидат одбиени за работа во државната администрација.
Во повеќето американски држави и територии, младите мажи се регистрираат автоматски при издавање возачка дозвола. И покрај тоа, во 2024 година, процентот на регистрирани мажи паднал на 84%.
Конгресот го одобри новото правило во декември како дел од Законот за овластување на националната одбрана, кој обезбедува финансирање за американската војска. Демократската претставничка Крис Хулахан од Пенсилванија, која ја поддржала промената, истакнала дека ова ќе овозможи „пере насочување на ресурсите“ кон подготвеноста и мобилизацијата, наместо кон едукативни и рекламни кампањи за регистрација.
Иако ова правило предизвикува загриженост кај дел од Американците, Белата куќа ги уверува граѓаните дека нема планови за веднаш задолжително регрутирање. Американската влада последен пат прибегнала кон регрутирање за време на Ветнамската војна, кога околу 1,8 милиони мажи биле регрутирани, а во 1973 година службата во војската станала целосно доброволна.