Патниците кои патуваат со автомобил во Грција треба да внимаваат на новите сообраќајни правила кои стапуваат во сила од 1 јули 2026 година и се однесуваат на задолжителната опрема во возилата.
Грција по речиси 50 години го модернизира комплетот за прва помош во автомобилите, кој наместо досегашните 5, ќе содржи дури 16 задолжителни ставки.
Ова значи дека секој возач кој патува низ земјата мора да има целосно усогласен комплет, а за непочитување на правилата е предвидена казна од околу 30 евра.
Што се менува?
Новиот комплет за прва помош станува значително пообемен и поспецифичен, со цел подобра безбедност при сообраќајни незгоди. Меѓу новите ставки се:
-термо-ќебе за спречување хипотермија-
-сет фластери во повеќе големини (вкупно 14 парчиња)
-стерилни завои во точно дефинирани димензии
-специјални облоги за изгореници
-компреси за рани
-еластични завои во две големини
-медицински ракавици
-заштитни маски
-влажни марамчиња за хигиена
-безбедносни ножици со заоблен врв
-упатство за прва помош со јасни пиктограми
Некои од овие материјали имаат рок на траење од пет години, додека дел треба редовно да се заменува на секои две години, што значи и дополнителни трошоци за возачите.
Според истражувања, најевтиниот нов комплет чини околу 31 евро, додека стариот чинел околу 3 евра. Тоа значи дека новата опрема е речиси 10 пати поскапа од досегашната.
Што уште мора да имате во автомобилот?
Покрај комплетот за прва помош, грчките прописи бараат и друга задолжителна опрема:
- апарат за гаснење пожар
- предупредувачки триаголник
- рефлектирачки елек
- резервна гума или сет за поправка
- основни резервни сијалици (препорачано)
Полициските контроли се засилуваат особено во туристичката сезона, не само на границите, туку и на автопатиштата и во туристичките региони.
Недостаток на задолжителна опрема може да резултира со казни од 30 до 80 евра, а во некои случаи и привремена забрана за возење додека не се обезбеди потребната опрема.