По откажаниот концерт, Канје Вест доби забрана за влез во Полска

Канје

Американскиот рапер Канје Вест, откако го откажа концертот во Хозов на југот на Полска, нема ни да може да влезе во таа земја, бидејќи, како што објасни денес шефот на дипломатијата Радослав Сикорски, демократиите имаат право да се бранат од радикалите, а во Полска нема место за фашисти.

„Демократијата има право да се брани од радикалите. Господин Вест нема да влезе во Полска. Фашистите треба да бидат во затвор“, рече Сикорски на Фејсбук.

Во видео порака, Сикорски и потпретседателката на Сенатот на полскиот парламент од левицата, Магдалена Бјејат, заедно рекоа дека нема место за фашисти, особено во Полска, која беше толку силно погодена од фашизмот, германскиот нацизам.

„Тој излезе со идеја дека ќе дојде кај нас за да ги пропагира своите глупости за концертот. Да биде јасно: нема место за нацисти во Полска“, рече полскиот сенатор.

Самата најава за концертот на американскиот рапер на стадионот „Шлези“ во Хозов, планиран за 19 јуни, предизвика скандал и лавина критики во Полска поради претходните антисемитски испади на раперот и објавите на мрежите во кои се величаат Адолф Хитлер и нацистичките симболи, што во Полска е казниво со затвор.

Поради ова, на раперот претходно му беше забранет влез во Велика Британија, а мораше да ги откаже и концертите во Франција.

Зачлени се на нашиот е-билтен