СДСМ: За само три месеци направен е нов државен долг од 700 милиони евра

Само за првите три месеци од оваа година, направен е нов долг од 700 милиони евра, соопшти денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

„За две години откако Мицкоски е на власт, јавниот долг е зголемен за огромни 2,3 милијарди евра и сега изнесува 10 милијарди и 774 милиони евра, историски највисоко.

Да биде јасно: ова е чист, нов долг. Сè што е вратено е веќе одземено од пресметките – станува збор за нето задолжување, директно создадено од оваа неспособна и расипничка власт.

2,3 милијарди евра нови долгови а во исто време: нема пари за повисоки плати за работниците, Владата одбива да ја покачи минимална плата од 600 евра, нема мерки за поскапувањата, граѓаните се оставени сами да се справуваат со сиромаштијата во криза. Задолжувања само за криминални тендери и богатење на ВМРО-ОКГ. Задолжувања за нивните организирани шеми за извлекување пари. За авиони, часовници, бизнис мрежи“ рече Кузеска.

Според Кузеска на чело на државата е „криминална власт која не работи за граѓаните, туку за сопствениот бизнис интерес и богатење на грбот на народот“.

Дополнително, Кузеска се осврна и на приходите во Буџетот

„Буџетскиот дефицит за само три месеци изнесува 408 милиони евра – уште еден доказ за целосниот распад на јавните финансии. Приходите се реализирани со едвај 20%, што значи дека Владата не создава вредност, туку само троши и задолжува. Ова е директен демант на лажните тврдења на Мицкоски дека Македонија е „трета економија во Европа”. Реалноста е спротивна – економијата тоне, а граѓаните осиромашуваат. Економските политики на оваа Влада се промашени, а економскиот дилетантизам на Христијан Мицкоски ја чини државата милијарди евра“ порача Кузеска.

Зачлени се на нашиот е-билтен