Австриското воено воздухопловство два дена по ред било принудено да подигне борбени авиони „Јурофајтер“ откако американски воени летала без дозвола навлегле во воздушниот простор на земјата, која е неутрална држава, објави Б92.
Според информациите пренесени од австриските воени власти, инцидентите се случиле во недела и понеделник, при што првично биле забележани два помали авиони тип PC-12, кои американската армија ги користи под ознаката U-28A, и кои летале над територијата на Горна Австрија без претходно одобрение за прелет.
По детектирањето на леталата, австриските „Јурофајтери“ веднаш биле активирани за идентификација и следење на ситуацијата, по што американските авиони го смениле правецот на движење.
Според австриските воени претставници, целата ситуација ќе биде предмет на дипломатска комуникација меѓу двете земји, додека засега не се објавени детали за можни последици или санкции.
Овој случај доаѓа во чувствителен безбедносен контекст во Европа, каде земјите со неутрален статус, како Австрија, строго го контролираат воздушниот простор и секое негово нарушување се третира како сериозен инцидент.