Поранешниот шпански премиер под истрага за корупција

Поранешниот шпански премиер Хозе Луис Родригез Запатеро е под кривична истрага поради сомнение за злоупотреба на влијание и други кривични дела. Истрагата е поврзана со државна помош од 53 милиони евра доделена на авиокомпанија поврзана со Венецуела за време на пандемијата на коронавирус.

Запатеро, социјалист кој ја водеше владата од 2004 до 2011 година, е првиот поранешен шпански премиер кој стана осомничен во кривична истрага и беше повикан да се појави пред Врховниот кривичен суд на Шпанија на 2 јуни. Иако други поранешни и сегашни премиери сведочеа во случаи на корупција, ова е преседан, пишува „Гардијан“ .

Најновата истрага е дел од поширок случај што се однесува на спасувачката програма на шпанската авиокомпанија Плус Ултра во март 2021 година. Обвинителите истражуваат дали компанијата злоупотребила јавни пари што ѝ ги доделила владата, додека антикорупциската полиција истражува сомневања дека парите од спасувачката програма биле искористени за перење средства од Венецуела преку Франција, Швајцарија и Шпанија.

Запатеро ги негира сите обвинувања

Судот денес објави дека судијата овластил полицијата да ја претресе канцеларијата на Запатеро, како и канцелариите на уште три компании. „Судијата на Националната аудиенција Хозе Луис Калама му наложи на поранешниот премиер Хозе Луис Родригез Запатеро да се појави како осомничен на 2 јуни по обвинение за злоупотреба на влијание и сродни кривични дела“, се вели во соопштението.

Додадено е дека судијата ја укинал тајноста на постапката и ја презел надлежноста откако понизок суд се прогласил за ненадлежен. Запатеро, кој ги негира сите обвиненија, се појави пред сенатскиот комитет во март, каде што изјави дека „никогаш не добил никаква провизија од Плус Ултра“.

Сепак, тој призна дека му пружил консултантски услуги на својот пријател Хулио Мартинез, бизнисмен кој соработувал со Плус Ултра и бил уапсен од страна на антикорупциските службеници во декември минатата година.

Наследникот на Запатеро се соочува и со низа скандали

Претседателот на Плус Ултра, Хулио Мартинез Сола, инсистираше пред истиот комитет во февруари дека спасувањето е извршено во целосна согласност со законот. „Немаше никаква вонредна постапка, никаков преференцијален третман, никакво несоодветно мешање. Немаше никаква нелегална помош“, рече тој.

„Тоа беше регулиран процес, со контроли, извештаи и многу строги услови што беа исполнети. Никој не ни даде ништо“, додаде тој. Социјалистичкиот наследник на Запатеро на функцијата премиер, Педро Санчез, се соочува со низа корупциски скандали во кои се вклучени неговото семејство, партијата и администрацијата.

Минатиот месец, сопругата на Санчез, Бегоња Гомез, беше обвинета за проневера, злоупотреба на влијание, деловна корупција и злоупотреба на средства по двегодишна истрага од страна на судија во Мадрид. Помладиот брат на премиерот, Давид Санчез, исто така се соочува со судење за злоупотреба на влијание овој месец.

Двајца високи поранешни функционери во владата на Санчез се исто така на судење за корупција.

И Гомез и Давид Санчез ги негираат сите обвиненија, а премиерот ги обвини своите политички и медиумски противници за кампања за клевета и прогон на неговото семејство. Двајца високи поранешни функционери во владата на Санчез се исто така на судење за корупција.

Поранешниот министер за транспорт и поранешна десна рака на премиерот, Хозе Луис Абалос, е обвинет, заедно со неговиот поранешен помошник Колд Гарсија и бизнисменот Виктор де Алдама, за примање мито при доделување јавни договори за медицинска опрема за време на пандемијата.

Најчитано