Ер Франс и Ербас прогласени за виновни за падот на летот AF447

Францускиот апелациски суд ги прогласи авио-компанијата Ер Франс и производителот Ербас за виновни за убиство од небрежност во врска со авионската несреќа од 2009 година, кога летот AF447 на релација Рио де Жанеиро – Париз се урна во Атлантскиот Океан и загинаа 228 луѓе.

Според пресудата, авионот Ербас А330 влегол во застој за време на силна бура и паднал во морето, при што животот го загубиле сите 216 патници и 12 членови на екипажот, во најсмртоносната авионска несреќа во историјата на француската цивилна авијација.

Несреќата се случила на 1 јуни 2009 година, кога авионот исчезнал од радарите над Атлантикот, а неговите остатоци биле пронајдени дури по повеќемесечна потрага на површина од околу 10.000 квадратни километри, додека црната кутија била извлечена дури во 2011 година.

Судот утврдил корпоративна одговорност и на двете компании, иако тие претходно биле ослободени од обвиненијата во 2023 година, а сега им е наложено да платат максимална казна од 225.000 евра, што дел од семејствата на жртвите го оценија како недоволна.

Во текот на постапката обвинителството ги обвини компаниите дека нивното однесување било неприфатливо, додека Ер Франс и Ербас ги негираат обвинувањата и се очекува да поднесат нови жалби.

Најчитано