Претседателот на Романија најави „пропорционални мерки“, откако руски дрон повреди жена и дете

НАТО

Пропорционални мерки кон Русија најави романскиот претседател Никушор Дан, откако руски дрон во текот на ноќта кон петок погоди станбена зграда во Галац, на романска територија, при што беа повредени жена и дете. Инцидентот се случи за време на руски напад врз Украина, во близина на границата со Романија, и предизвика итна безбедносна реакција во Букурешт.

Според романските власти, дронот од руски тип „Геран 2“ удрил во покривот на десеткатна зграда во Галац, по што се случила експлозија и избувнал пожар во стан на десеттиот кат. Од зградата биле евакуирани околу 70 жители, а жена и дете биле пренесени во болница со полесни повреди. Романските медиуми објавија дека станува збор за 51-годишна жена и 14-годишно дете, додека уште две лица добиле помош на лице место поради панични реакции.

Претседателот Дан случајот го оцени како најсериозен безбедносен инцидент што ја погодил романската територија од почетокот на руската агресија врз Украина. Тој порача дека Романија ќе преземе „пропорционални мерки кон Руската Федерација“ и дека ситуацијата бара „цврст, координиран и соодветен одговор“ на национално, сојузничко и меѓународно ниво.

Букурешт веќе побарал дополнителни антидронски капацитети од сојузниците за зајакнување на одбраната на источниот фланг на НАТО. Романските власти најавија дека случајот ќе го покренат и пред Советот за безбедност на Обединетите нации, а рускиот амбасадор бил повикан во Министерството за надворешни работи.

Министерството за одбрана на Романија соопшти дека за време на нападот биле подигнати два авиони Ф-16 и воен хеликоптер, со дозвола да реагираат доколку е потребно. Според воените власти, дронот летал ниско и бил во романскиот воздушен простор околу четири минути, што го отежнало навременото следење и пресретнување.

Романските власти наведуваат дека ова е 28. нарушување на романскиот воздушен простор од почетокот на руските напади врз украинските пристаништа на Дунав. Но, овој пат инцидентот не заврши само со пронајдени фрагменти или материјална штета на периферијата, туку со експлозија врз станбена зграда, повредени цивили и нов безбедносен притисок врз земја членка на НАТО и Европската Унија.

НАТО го осуди однесувањето на Русија како опасно и неодговорно, а Европската комисија оцени дека Москва повторно преминала линија. Во Романија, случајот веќе се третира како тест за државната реакција, противвоздушната заштита и способноста на Алијансата побрзо да го заштити источниот раб на Европа.

Најчитано