По 16 години власт на Орбан, одобрена Парадата на гордоста во Будимпешта

Унгарската полиција одобри одржување на Парадата на гордоста во Будимпешта следниот месец, што претставува значаен пресврт во однос на минатата година, кога властите, по налог на тогашната десничарска влада на Виктор Орбан, се обидоа да го забранат настанот и да го ограничат неговото одржување.

Според пишувањето на „Гардијан“, пренесено од Скопје1.мк, политичката промена доаѓа по изборните случувања во април, кога беше сменета националистичката влада на Орбан, која владееше 16 години. Во претходниот период, партијата Фидес на Орбан усвои закон кој за првпат во поновата историја на Европската Унија создаде правна основа за ограничување или забрана на вакви настани, под образложение за „заштита на децата“.

Организаторите на Будимпештанскиот Прајд ја известиле полицијата дека на 27 јуни планираат да ја одржат 31-та Парада на гордоста, изразувајќи уверување дека настанот ќе се одржи, особено по одлуката на највисокиот суд на Европската Унија, кој оцени дека делови од унгарското законодавство поврзано со ЛГБТК+ заедницата се дискриминаторски и спротивни на европските правила.

Унгарската полиција потврди дека дала дозвола за одржување на парадата и соопшти дека не постојат причини за нејзина забрана. Во исто време се одобрени и три најавени контрапротести, со ограничувања и со одредена просторна оддалеченост од главниот настан.

И покрај претходните ограничувања, минатогодишната Парада на гордоста во Будимпешта, според организаторите, собра рекордни 200.000 учесници и беше оценета како симбол на граѓански отпор кон политиките на претходната власт.

Најчитано