Трамп е „во одлична здравствена состојба“, вели неговиот лекар

Трамп

Трамп е „во одлична здравствена состојба“ и е „целосно способен“ да ги извршува претседателските должности, наведува неговиот лекар Шон Барбабела во медицинскиот извештај објавен од Белата куќа по прегледот во воената болница „Волтер Рид“, во период кога здравјето на американскиот претседател повторно е под силно јавнo внимание.

Според извештајот, 79-годишниот претседател бил подложен на повеќе превентивни прегледи, меѓу кои лабораториски анализи, снимања, срцеви и невролошки проверки, стоматолошки преглед и скрининзи за рак. Лекарот навел дека Трамп има стабилна кардиоваскуларна, белодробна, невролошка и општа физичка функција.

Во извештајот се наведува и дека Трамп постигнал 30 од 30 поени на Montreal Cognitive Assessment, тест што се користи за скрининг на когнитивни нарушувања. Според лекарскиот меморандум, тоа е ист резултат како и во претходни тестирања.

Сепак, извештајот не е без детали што го привлекоа вниманието. Лекарот забележал благо отекување на долниот дел од нозете, кое, според него, е подобрено во однос на претходната година, како и модринки на рацете. Тие биле објаснети со често ракување и употреба на аспирин за кардиоваскуларна превенција.

Трамп, според извештајот, тежи 238 фунти, односно околу 108 килограми, со индекс на телесна маса од 29,7, што е малку под границата за дебелина. Лекарот препорачал исхрана, повеќе физичка активност и продолжување на намалувањето на телесната тежина.

Американските медиуми забележуваат дека Белата куќа објавува избрани резултати од претседателските здравствени прегледи, практика што со децении се применува во САД, но секогаш остава прашање колку јавноста навистина дознава за здравјето на претседателот.

Здравјето на Трамп е политичка тема и поради неговата возраст. Тој е најстариот човек избран за претседател на САД и се приближува до 80 години, па секој лекарски извештај се чита не само како медицинска информација, туку и како дел од пошироката дебата за физичката и когнитивната подготвеност на лидерите да управуваат со земјата.

Најчитано