Трговија со дете: шест лица осомничени за незаконско посвојување

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против шест лица поради сомнение за трговија со дете, во случај поврзан со организирање и реализирање незаконско посвојување на новородено бебе.

Според МВР, кривичната пријава е поднесена против Ф.А. на возраст од 63 години, Ѓ.К. на 57 години, И.Ш. и Џ.Ш. на 35 години, сите од Скопје, како и против С.Ј. од Куманово и И.А. од Тетово. Случајот го работела Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Секторот за криминалистички истраги.

Од полицијата наведуваат дека во текот на 2024 и 2025 година дел од осомничените воспоставувале контакти со заинтересирани брачни парови и со родители во тешка материјална и социјална состојба, со цел да се избегне законската постапка за посвојување деца.

Според пријавата, С.Ј. и нејзиниот невенчан сопруг И.А. биле убедени да го предадат своето новородено бебе за финансиска помош од 500 евра и бесплатни гинеколошки прегледи. По отпустот од болница, мајката и бебето биле однесени во дом, каде што пристигнале лицата кои во случајот се наведуваат како „посвоители“ и го презеле новороденчето.

Во полициското соопштение се наведува и дека на 17 октомври 2025 година бил склучен договор за заем од 500 евра меѓу едно од осомничените лица и таткото на детето, а парите, според МВР, биле исплатени истиот ден како надомест за незаконското посвојување.

На сите осомничени, по одлука на судија на претходна постапка, им е определена мерка домашен притвор.

Најчитано