Студентите сместени во студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид веќе седум дена се соочуваат со проблем со топлата вода, објави „Студентарија“.
Според информациите што ги добиле од студентите, причината за проблемот е недостиг на нафта за загревање на водата. Поради тоа, студентите подолг период немаат редовен пристап до основна хигиенска услуга во домот.
Како привремено решение, на студентите им било понудено да користат гостинска соба во која има бојлер на струја. Но, во дом во кој престојуваат десетици студенти, ваквото решение тешко може да одговори на потребите на сите корисници.
Дополнителен проблем, според сведоштвата и видеата доставени до „Студентарија“, е состојбата на просторијата што им била посочена за користење. Студентите тврдат дека просторот е во несоодветна хигиенска состојба, а вратата не може целосно да се затвори, што дополнително ја нарушува приватноста и безбедноста при користење.
Ова не е првпат студентите во домот „Никола Карев“ да се жалат на сериозни проблеми со условите за живеење. Во февруари годинава, според претходни информации, тие повеќе од 30 часа биле без електрична енергија, а со тоа и без греење, соодветни услови за подготовка на храна и услови за учење.
Студентите бараат надлежните институции и раководството на домот итно да преземат мерки за решавање на проблемот со топлата вода и да обезбедат услови што одговараат на основните стандарди за студентско домување.
