Словенија ја укина забраната за влез за Нетанјаху и дел од мерките против Израел

Новата словенечка влада ја укина забраната за влез во земјата за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и за двајца израелски министри, со што направи значаен пресврт во политиката кон Израел.

Одлуката ја донесе владата на премиерот Јанез Јанша, која стапи на должност по парламентарните избори во март. Со неа се укинуваат дел од мерките што претходно ги воведе владата на Роберт Голоб.

Покрај забраната за влез, Љубљана ја укина и забраната за увоз на производи од израелските населби, како и ембаргото за извоз и транзит на оружје и воена опрема до и од Израел.

Од словенечкото Министерство за одбрана соопштија дека трговијата со воена опрема е веќе регулирана со националното законодавство и со правилата на Европската Унија.

Словенечките власти наведуваат дека целта на одлуките е повторно отворање на политичката комуникација и дипломатските канали со Израел.

Претходната влада на Роберт Голоб беше меѓу најгласните критичари на Израел во Европската Унија. Словенија во 2024 година ја призна Палестина како држава, а во 2025 година воведе забрана за влез за Нетанјаху, како и за израелските министри Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрич.

Забраната за Нетанјаху беше поврзана со налогот за апсење издаден од Меѓународниот кривичен суд, додека мерките против другите двајца министри беа воведени поради нивните изјави и политики кон Палестинците.

Односите меѓу Словенија и Израел сега влегуваат во нова фаза, откако Израел најави дека ќе отвори амбасада во Љубљана. Досега израелските дипломатски активности за Словенија се покриваа преку амбасадата во Виена.

Најчитано