СДСМ најавува нов антикорупциски закон, ветинг за функционери и конфискација на нелегален имот

СДСМ најавува нов антикорупциски закон, ветинг за функционери и конфискација на нелегално стекнат имот како дел од програмата „Твоја држава – твоја шанса“.

Александар Наумоски, член на Извршниот одбор на СДСМ, изјави дека борбата против корупцијата е една од централните точки во програмата на партијата. Според него, потребни се нови институционални механизми за проверка на имотот на функционерите и за следење на јавните пари.

Наумоски најави нов антикорупциски закон, посебно независно тело за борба против корупцијата и дигитални механизми за следење на трошењето јавни средства.

Една од најавените мерки е ветинг за сите избрани и именувани функционери од 90-тите години до денес. Според Наумоски, секој функционер ќе треба да објасни од каде му е имотот и на кој начин го стекнал.

Во пакетот мерки се предвидува и итна конфискација на нелегално стекнато богатство, како и укинување на имунитетите на функционерите.

СДСМ најавува и ветинг на судии и обвинители, со образложение дека проверката треба да ги опфати и носителите на функции во правосудниот систем.

Наумоски посочи дека партијата предлага воспоставување јавен регистар на вистинските сопственици на компаниите, како и директна оперативна соработка со Европското јавно обвинителство за заштита на јавните средства и откривање корупција на високо ниво.

Според најавата, дел од мерките ќе се однесуваат и на автоматска проверка и институционален надзор над пријавите за корупција и злоупотреба на службена положба.

Најчитано