Жерновски: Мицкоски брза на избори затоа што нема резултати

Андреј Жерновски, секретар за меѓународна соработка на СДСМ, обвини дека премиерот Христијан Мицкоски ја отвора темата за предвремени избори за да ги покрие, како што рече, лошите економски резултати и неисполнетите ветувања.

Жерновски на прес-конференција изјави дека Мицкоски „повторно сам се демантирал“, откако претходно тврдеше дека нема да има предвремени избори, а сега најавувал дека тие би можеле да се одржат „многу скоро“.

„Опозицијата нема да му биде алиби на Христијан Мицкоски, ниту пак ќе бидеме алиби за распишување избори“, рече Жерновски.

Тој оцени дека власта сака изборите да ги распише предвреме за да ја избегне одговорноста за состојбата во економијата, растот на цените, падот на животниот стандард и намалената доверба кај граѓаните.

Според Жерновски, Македонија по две години власт на Мицкоски се соочува со сериозни економски проблеми. Тој обвини дека платите не го следат растот на цените, дека сиромаштијата е зголемена, а странските инвестиции бележат пад.

Во изјавата тој се осврна и на состојбата во земјоделството, тврдејќи дека субвенциите се намалени, откупот е паднат, а земјоделците се оставени без доволна поддршка.

Жерновски ја поврза најавата за можни избори и со политичките случувања во регионот, оценувајќи дека станува збор за, како што рече, „копи-пејст сценарио“ од Србија и Унгарија.

Од СДСМ порачуваат дека нема да бидат дел од сценарио со кое, според нив, власта би се обидела да избега од одговорност преку предвремени избори.

Најчитано