Пратеничката група на СДСМ и коалицијата поднесе предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за државни награди, со кој се предлага воведување две нови државни награди – „Блаже Конески“ и „Ремзи Несими“.
Со предложените измени се предвидува Државната награда „Блаже Конески“ да се доделува за високи стручни и научни достигнувања од областа на македонскиот јазик во земјата и во странство.
Иницијативата за оваа награда била доставена до Владата во 2019 година од Советот за македонски јазик. Наградата се предлага да го носи името на Блаже Конески, основоположник на современата македонска наука за јазикот, лингвист, литературен и културен историчар, поет, прозаист и преведувач.
Конески беше прв претседател на Друштвото на писателите на Македонија, претседател на Друштвото на писателите на Југославија, член на првата генерација академици и прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите.
Со законските измени се предлага и воведување Државна награда „Ремзи Несими“, која би се доделувала за високи стручни и научни достигнувања од областа на албанскиот јазик и албанологијата во земјава.
Иницијативата за оваа награда е поднесена од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците. Наградата се предлага да го носи името на Ремзи Несими, лингвист, просветен работник и учесник на Конгресот за правопис на албанскиот јазик во 1972 година.
Несими беше универзитетски професор и еден од најзначајните албанолози во земјава. Тој бил единствен делегат од Македонија на Конгресот за правопис на албанскиот јазик, одржан од 20 до 25 ноември 1972 година, каде што учествувал со научна тема и бил потписник на Резолуцијата за албанскиот правопис.
Според предлагачите, воведувањето на двете државни награди има цел институционално да ги вреднува научните, јазичните и културните достигнувања поврзани со македонскиот и албанскиот јазик.
