Потпретседателот на СДСМ, Александар Трајановски, во интервју за емисијата „Трилинг“, упати остри критики до актуелната власт за, како што вели, стагнацијата во евроинтеграциите, економското уназадување и потребата од радикални реформи во правосудниот систем. Според него, СДСМ се консолидира по изборниот пораз и веќе гради нова понуда за граѓаните.
„Купување време“ и изолација на европскиот пат
Трајановски истакна дека дијалогот со Европската Унија е клучен и дека тој не е само билатерален проблем со Бугарија, туку прашање на исполнување на преговарачката рамка. Тој обвини дека ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ за враќање на името и репреговарање на договорот со Бугарија се покажале како невистинити.
„Ние сме моментално тотално блокирани. ВМРО-ДПМНЕ ги доби изборите на база ‘не Бугари во Уставот’, а сега гледаме како купуваат време додека сите околу нас напредуваат, а ние тапкаме во место“, изјави Трајановски за „Трилинг“.
Ветинг и европско партнерство за борба против корупцијата
Еден од главните столбови на новата програма на СДСМ, според потпретседателот, е воведувањето на ветинг за политичарите и вклучување на европски експерти во македонскиот правосуден систем, по моделот на Романија и Хрватска.
„Мора да бараме партнер во европското правосудство затоа што видовме дека влијанието на македонските политичари во нашата држава е пресудно. Замислете во Македонија да се случи како во Хрватска – министер да биде уапсен од сопствената влада за корупција“, нагласи тој во разговорот.
Економски колапс и симболиката на бугарските пасоши
Трајановски посочи на доцнењето на субвенциите, социјалната помош и повратот на ДДВ како индикатори за лошата финансиска состојба во државата. Тој ја опиша Македонија како „заробена и изолирана држава“, каде граѓаните се принудени да вадат бугарски пасоши за да ги почувствуваат благодетите на ЕУ.
„Нема околу мене човек, пријател или познаник кој не е во процедура за вадење бугарски пасош. За какво национално единство и достоинство зборуваме кога сопствениот народ го терате да бара пасош од друга држава за да преживее?“, запраша Трајановски во емисијата „Трилинг“
