Кога едно од најпознатите архитектонски дела со кое се гордее светот ќе мора да се брани од сопствените институции, тогаш проблемот одамна не е во влагата.
Зоран БОЈАРОВСКИ*
Македониумот не е жртва на дождот. Тој е жртва на нашата рамнодушност.
Понекогаш скандалот не е во тоа што нешто е уништено.
Скандалот со Македоноумот е што некој не препознава дека тоа е скандал.
Фотографиите од Македониумот во Крушево, со пластични панели и метални решетки поставени врз едно од најзначајните архитектонски дела на македонската современа култура, предизвикаа шок. Јавноста реагираше, архитекти реагираа, а реагираше и Јавната установа Завод и Музеј – Прилеп, која рече – привремено е. (?!?)
Но, ако целата приказна ја сведеме само на пластиката, ќе ја промашиме суштината.
Не пропаѓа бетонската конструкција. Пропаѓа односот кон културата.
Во Македонија често слушаме дека немаме доволно средства.
Но, никој не може да објасни како држава што вложува милиони во нови проекти со години не успева да обезбеди трајна заштита за споменик кој е прогласен за културно наследство од највисока категорија.
Македониумот не е обична зграда.
Тоа е авторско дело на архитектите Јордан и Искра Грабул.
Тоа е симбол на Илинден. Амблем на македонскиот идентитет.
Тоа е споменик што светската архитектонска јавност одамна го препозна пред да го препознаеме ние.
Во 2016 година „Architectural Digest“ го вброи меѓу највпечатливите бруталистички градби во светот.
Во 2018 година австралискиот магазин „Architecture & Design“ го стави меѓу десетте најуникатни архитектонски објекти на планетата.
Додека светот го фотографираше како ремек-дело, ние дозволивме влагата да ја уништува неговата внатрешност.
Пластиката е симптом. Болеста е институционалната негрижа.
Особено загрижува тоа што, според наследничката на авторските права Лира Грабул, интервенциите биле започнати без согласност од семејството кое и натаму ги поседува авторските права.
Ако тоа е точно, а немаме сомневање дека е така, тогаш прашањето веќе не е само естетско.
Тоа е прашање на почитување на законот.
Авторските права не престануваат затоа што некој објект е во државна сопственост.
Напротив.
Тие се составен дел од заштитата на културното наследство.
Во одговорот на реакциите на јавноста, директорката на Завод и Музеј Прилеп, не го спомнува ова прашање. Зошто?

Македониумот стана метафора за Македонија.
Во последните години гледаме иста слика на многу места.
Архитектурата се одржува интервентно.
Културното наследство се спасува кога веќе почнало да се распаѓа.
Се реагира кога јавноста ќе се вознемири.
Потоа повторно следува тишина.
Македониумот е само најновиот и највидливиот пример.
И токму затоа реакција овие денови поврзана со споменикот Илинден Македониум, не е само реакција за една градба.
Таа е реакција против еден начин на управување во кој превенцијата никогаш не е приоритет, туку секогаш се чека кризата.
Ова не е прашање на вкус.
Од Завод и музеј Прилеп велат решетките и пластиката се привремени.
Веројатно се.
Но тоа не значи дека смеат да го менуваат изгледот на дело чија архитектонска форма е неговата суштина.
Кај авторската архитектура не постои „безначајна“ интервенција.
Особено не кај објект кој е препознаен како светско архитектонско наследство.
Никому не би му паднало на ум да постави пластични панели врз Сиднејската опера, да затвори дел од фасадата на музејот „Гугенхајм“ и да го наруши идентитетот на архитектонското дело. Или да интервенира врз дело на Гауди во Барселона без строги конзерваторски правила.
Зошто тогаш кај нас тоа изгледа како прифатливо решение?
Прашањето е што ќе оставиме зад себе.
Македониумот беше создаден како симбол на слободата.
Денес тој станува симбол на неодговорноста.
Не затоа што бетонската школка старее.
Тоа е природно.
Туку затоа што институциите со години знаат што му се случува, а сè уште немаат трајно решение.
Една држава не се препознава само по тоа што гради.
Туку и по тоа што успева да сочува.
Македониум како Кокошарникум. Тоа е резултатот. И кога едно од најпознатите архитектонски дела со кое се гордее светот ќе мора да се брани од сопствените институции, тогаш проблемот одамна не е во влагата.
Проблемот е во нашата колективна рамнодушност.
И токму таа рамнодушност, многу повеќе од дождот, може неповратно да го уништи Македониумот.
