Со легендата на македонското спортско новинарство Зоран Михајлов има многу теми за кои вреди да се говори, а тој е неисцрпен извор на информации, сеќавања и спортска историја.
Овој пат сепак решивме ова интервју да го посветиме на ФК Вардар, клубот за кој сите очекуваат да се крене од пепелот како Феникс, но никако да го осведочиме тоа.
Михајлов вели дека со последните промени во клубот, ФК Вардар е жртва на непотребни експерименти и дека тие што го донесоа во Неделковски во Вардар треба да се подзамислат.
Вистинските комити и вистинските навивачи на Вардар ги нема, сето тоа што се градело со години одеднаш се урна.
На времето реки од навивачи доаѓаа од Ѓорче Петров, Од Водно, од Мичурин, од Автокоманда, со носталгија, па и болка, се сеќава големиот спортски новинар Зоран Михајлов, кој и самиот од 1981 до 1985 година беше непосреден дел од ФК Вардар, како генерален секретар.
Со Зоран Михајлов разговараше Зоран Бојаровски
Вардар ја заврши сезоната на европската сцена. Само што стартуваше во европските купови, ја заврши приказната. На што е резултат тоа, што се случи?
Има многу работи што се поврзуваат со Вардар. Меѓутоа, најжално е тоа што после првото коло во стартот во Лигата на шампионите, кај што учествуваат државните шампиони од европските земји, беше елиминиран.
Некој на шега ќе рече – ајде де од Финците. Финците се организирани, загубивме од нив, од Круп. Испаднавме и покрај тоа што објективно, барем јас така мислам, Вардар можеше да помине.
Ќе кажам зошто не помина. После тоа доаѓа и Конференциската лига и велиме „Ај, ни доаѓа од Летонија клуб, Рига“, а малкумина знаат дека организацијата во тие земји, во сите спортови, не само еве кошарката да ја земе Литванија, пример, во Летонија со шахот, Михаил Таљ, името да му се спомене одма, сфаќаш за која земја и каква земја се работи.
Значи нема тука шега, поготово сега кога веќе сите, почувствуваа дека и фудбалот може да биде голема афирмација за нивните држави, многу вложуваат и тренери и сѐ. Меѓутоа, кај нив е друго.
Тие избираат внимателно, а не како кај нас. Еве во Вардар сега, јас не знам што му текна на Миленко. Тој е нели сега извршен директор, донесе тренер од Аргентина. Па имаме тренери овде наши како што е Ѓоко Хаџиевски, на пример. Направи супер резултат со Спартак од Варна.
Овде не можеше на да најде клуб, а таму ги извади, што се вели, од мртвите, фудбалерите на Спартак.
Значи, има чувство човекот и знае, а ние отидовме, го зедовме тренеров, не знам по која линија Миленко го донесе, никој не знае како, зошто од Аргентина. Аргентинци има многу.
Па јас ќе одам на улица таму, ќе му речам или Бразилец, Аргентинец, дали во Рио, дали во Буенос Ајрес. А бе доаѓај тренер да бидеш, ти си од тука, вие знаете, играте. Не е тоа тоа.
ФК Вардар е жртва на непотребни експерименти.

Друго мислам дека во Вардар се измешаа картите многу, затоа што еве јас бев во Вардар, бев генерален секретар. Од 1981 до 1984 кога влеговме за прв пат во Купот на УЕФА и кога се создаваше онаа генерација на Вардар, во која што веднаш ѕвезда стана Дарко Панчев, стана прв стрелец во југословенската лига и тоа неколку пати во Вардар, па потоа онаа генерација цела што на Стефан Бобек, тренер од нашите простори, Бобек.
Миленко отиде од Аргентина да носи тренер. Бобек ги донесе Пепе Ѓоргиевски, Томче Трајановски, Гордан Здравков, Тони Савески, Гоце Алексовски, Милко Симовски, Стојмир Урошевиќ, Георгиев, голманот.
Треба уште да споменувам, еве цел тим. Бобек знаеше дека тие се играчи што може да направат резултат. Се градеше таа генерација со години, па игравме Куп на УЕФА.
Испаднавме ние во второто коло, меѓутоа во првото го минавме еден Динамо од Букурешт. Таа екипа значи вредеше. Вториот натпревар, со една шкотска екипа, тука судиите завршија работа, ни истераа играчи и жолти картони на гостувањето и се виде оти ќе бидеме жртвувани и затоа испадна Вардар.
Да го оставиме тоа. Тоа е минато и тоа пред многу години…
Минато е, ама тоа значи дека, вие сигурно добро го знаете тоа, тој тип на негување, на континуитет, кога се гради некоја историја, во овој случај фудбалски клуб, е многу значаен и не е нешто што треба да се потценува, туку треба да биде некој стимул, треба да се надоградува, треба да оди нагоре.
За жал, ние сега овој разговор го правиме во период кога наместо тоа да го очекуваме во Вардар, после едни сериозни кризи, кога сите очекуваа дека еве ќе се крене на нозе, се случува нешто сосема друго.
Тогаш се земаше урнек од она што претходно било и ако е тоа успешно, ако случајот беше успешен, продолжуваш да го градиш. Не правиш екскурзии некои, ај сега и експерименти. Треба да се работи студиозно и да се знае како се работи и како ќе се изведе до крај работата, да се види, да имаш визија што ќе направиш.
Не е тоа земи играчи и… Што ќе направиш? Он зема играчи, на пример во Вардар, еве Мато. Зошто го пушти Мато, главниот играч кој му даваше голови и го направи тимот од кој сите се стравуваа.
Во второ полувреме да влезеше гол два ќе даде, Вардар победува. И сега толку беа неопходни тие пари, јас не знам ни колку зема за тој трансфер што отиде таму во Шкотска, меѓутоа требаше да се чува тој.
Тука има многу работи кои не ми се блиску до логиката моја фудбалска, а долго време ги мислам. Уште од дете сум со фудбалот. Ако ти кажам дека уште 1954, бев со девет години на стадион да ја гледам Југославија и Израел и се сеќавам на голот на Милош Милутиновиќ со глава од кај помошното игралиште на Работнички, ќе ти стане јасно.
Јас не сакам да кажам дека Миленко е толку голем аналфабет да не може да се снајде во Вардар, меѓутоа нешто се случува со тој човек. Дали така сака, иначе таков си е да се прави важен, па сега ја донесов играчи, донесов тренер од Аргентина.
Не е тоа тоа. Пример е Шкандија. Решавачкиот гол го даде Марко Ѓоргиевски. Наш играч. Го врати во Шкендија Положани, виде дека е квалитет дечко, доаѓа овде и во продолжение во последните минути дава гол со глава и три еден победува Шкендија и оди натаму.
А каде е Вардар? Е тука е политиката. Мислам овде му е препуштено многу, а тоа е голем товар за него да води сметка и за обезбедување средства и плаќање на играчи и договори све, а и никој не знае какви се и тие договори.
Кај одат парите?
Еден пример само дека порано се водело многу сметка. На времето во управниот одбор на Вардар беа све познати луѓе, спортски работнички, Ѓорѓе Николовски, потоа Чеде Блажевски, Чеде Лазаревски, после тоа имавме една екипа од доктори од десет души, сите сакаа во Вардар да дојдат да бидат во здравствената медицинска екипа на клубот.
Беше нешто. Беше гордо за сите тие што бевме во Вардар да кажеме дека сме Вардар. И мене лесно ми беше да одам и да договорам да дојде Урошевиќ, да дојде Милко, да дојдат другиве, Здравко, Гоце Алексовски.
Зашто Вардар беше име, имаше висок рејтинг и на југословенско ниво. Меѓутоа се водеше сметка и за трошењето тоа да ти кажам. Нас после натпреварите со Црвена ѕвезда, со Партизан, на кои имаше над дваесет илјади гледачи, доаѓаа по двајца инспектори од тогашно СДК, сега УЈП, да видат колку карти се продадени и колку снопчиња од карти останале.
Тогаш, во поранешна Југославија мораше сите прволигаши да ги печатат влезниците во Завод за израду новчаница на Кошутњак. Ден-денеска постои тој завод, таму мислам и Србиве уште ги печатат картите и ние мораше, ако е дваесет илјади капацитетот на Градски стадион, толку беше пријавен, дваесет илјади карти за сите натпревари да бидат отпечатени.
Вистинските комити и вистинските навивачи на Вардар ги нема.

Во разговорот до сега повеќе пати ги спомнуваме парите, пари, значи за спонзори, за трансфер на играчи, во секоја смисла.
Во последно време таа компонента за парите во фудбалот доминира. Новиот извршен директор, актуелниот, кога го презеде клубот, ми се чини дека се гледаше низ призмата на парите.
Него првенствено му беше да најде добар спонзор и претпоставувам дека врз основа на тоа ја градеше стратегијата. Но дали е тоа единственото нешто на кое треба да се потпира еден клуб кога треба да ја гради стратегијата?
Не ги потценувам јас парите. Тие може да направат и чудо. Меѓутоа кога станува збор за Вардар, ако го поврземе со тоа што вие го велите како симбол, како нешто што те врзува за традиција, а заради спортот, како да забораваме на спортот во фудбалот.
Тогаш ние се соочуваме со нешто што мене ме доведува до заклучок дека парите не се пресудни. Заедно со улогата на парите треба да постои и таа љубов, тај ентузијазам, таа желба да му се посвети и да му се даде внимание на клубот и традицијата што ја носи тој.
Таа желба кај Миленко не е присутна. И не знам, лута… Која му е визијата со Вардар? Знам дека потекнува од фудбалско семејство и мислев дека ќе искористи нешто од тоа.
Татко му, Борче Неделковски, беше интернационален фудбалски судија, познат на југословенските простори. И кога прочитав јас дека Вардар ќе се реорганизира, нели го водеа едно време оние најзапалените комити со Миле на чело, ама тогаш имаше атмосфера.
Син ми Горазд Михајлов беше тогаш тренер, го напушти Силекс со четврто место после и отиде во Вардар да биде тренер ако може да го спаси и успеа. Се направи атмосфера на стадионот во Маџари.
Јас сакам пак да се врати во Маџари Вардар, едната трибина полна, една има, нема повеќе со навивачи, со оние вистински комити, со знамиња, со навивање, со амбиент, Скендеровска ја пее со знамето онаа песна „кај што тоне, таму извира…“.
Значи Вардар и да потоне, како водата што извира, ќе се издигне и клубот. Меѓутоа, сега не го чувствуваме тоа. Тоа ме боли. Зошто не е така? И дојде и го растури одма тоа.
Ги читав вестите. Вардар беа на припреми. Читам на сајтовите, познат фудбалски работник доаѓа во Вардар и одма на супругата и реков знам кој ќе дојде. После објавија: Миленко Неделковски. Демек познатиот фидбалски работник. А каде, што направил? Вртеше нешто турнири, го носеше Вардар со еден менаџер од Италија во Јужна Америка.
Игри играа. Има многу работи за кажување кои не би сакал баш во детали да ги кажам. Меѓутоа ќе кажам една работа која не доликува на еден извршен директор на фудбалски клуб.
Он не беше дојден таа пролет кога играа пред две сезони, кога Вардар се спаси од испаѓање со мајсторка, во Струмица со Детонит и победија и останаа во прва лига.
Тоа беше радост и имаше пет илјади навивачи на едната трибина кај што беа вардаровите, а од другава беа оние на Детонит, радовишани.
Горазд доаѓа и ми вика успеавме. Ми е мило на душава, на срцето, зашто тој е вардарово дете. Таму почна да игра и како вардарец играше за репрезентацијата поранешна Југославија за кадетите на европско првенство во Швајцарија. Значи не е бос, има играно на Балканијада, прво место за младинци ‘91 и ‘92, кога уште настапувавме под Југославија и он го дава голот против Турција.
Еден нула тепаме и станавме балкански прваци. Значи знае, си ја знае играта и фудбалот. Меѓутоа, кога прочитав ја за Миленко рекоа ќе дојде, се врати од подготовки во Турција, му викам дечко, викам ништо нема да направите.
А Горазд ми вика, јас ќе се борам, ќе си ја водам работата и така почна првенството. Прво коло игра со Академија Пандев Блера и губи таму два разлика или два нула, три еден и не знам колку повеќе.
Тие што го донесоа во Неделковски во Вардар треба да се подзамислат.

Доаѓа другиот ден Миленко, демек извршниот директор ги собира тренерите и им вика: Брука, сте, сѐ имате овде.
Што е тоа сè? Колку можеш он да направи за кусо време, па да има сè. И им вика ако идната недела загубите со Пелистер во Скопје, тогаш пакувајте се. Собирајте ги работите од соблекувална и ќе бараме други тренер одма.
Тоа нити еден директор на клуб, ги знам приликите уште во поранешна Југославија, не го сторил тоа. Никогаш не се случило после пораз да им речат ако загубите и идната недела, а уште не почнато првенството.
И интересно е сега за таа приказна, после тој натпревар Горазд победи и Миленко радосен, одма како да го заборави она што им го кажал на тренерите пред шест седум дена и пак состанок со Горазд и му вели добро беше вчера, преживевте и го прашува што ќе работите неделава?
Горазд му вика тебе не треба да те интересира што ќе работиме, твојата работа е администрацијата, да обезбедиш средства, услови за живот, за работа и сите тие работи, а не што ќе работиме. Јас имам стручен штаб, еден Чунга Лунга, Горан Петрески кој со Работнички стигна да игра до Ливерпул, ако се сеќаваш во УЕФА лигата кога беше значи тренер, после Герасимов, бивши репрезентативец тука и други тренери кои имаа искуство вика со нив ќе се се договориме, ќе направиме план.
Меѓутоа, да ти кажам во овој момент, му рече тогаш Горазд, „ако победивме вчера, не можам да го заборавам она што го кажа минатиот понеделник на состанокот и затоа во овој момент јас Гораз Михајлов поднесувам усмена оставка. Ако сакаш во истиот момент ќе напишам и писмена. Опремата е во соблекувална и нека ти е со среќа. Јас си одам“. И напушти. И тогаш ми се чини дека се растури сета атмосфера во Вардар.
Ја нема Скендеровска да запее и почнаа во Вардар да се случуваат многу работи тогаш.
Доаѓањето на Миленко во Вардар, во најавувањето дека он ќе го преземе, уште тогаш и јавноста, а особено фановите на Вардар, комитите се поделија. Дури и во поголем број беа оние кои беа скептични и кои не веруваа дека новиот извршен директор треба да дојде во Вардар и дека токму тој треба да го води клубот.
Сега гледаме дека таа поделба меѓу комитите се продлабочи уште повеќе и дури стана многу минимална публиката која го следи Вардар на натпреварите.
Па нема никој, сто комитти, стоипедесет да се, тие викаат, мавтаат со знамињата, веројатно нешто ги стимулира извршниот директор да доаѓаат, да навиваат и тоа е тоа.
Вистинските комити и вистинските навивачи на Вардар ги нема, па еве се гледа по трибините. Последниот пат броев, педесет навивачи на главната трибина и оние на запад. Не е тоа Вардар. Вардар треба да ја врати атмосферата.
Атмосферата се враќа само со луѓе, со создавање амбиент пријатен за работа, не играчите шетаат таму во центарот во Маџари и бегаат од извршниот директор да не им каже нешто, а он со пурата шета. Не е тоа тоа. Не сакам да ги споменувам, но играчи ми приоѓаат и ми велат чичко Зоки читаме какви работи пишува, вулгарности… А тој е директор, директор на клуб треба да е и педагог.
Тој треба да е оној што прави една симбиоза, што ќе ја направи целокупната атмосфера од административниот дел, преку техничкиот, преку стручниот штаб до играчите.
Тој треба да е едно едно врзно ткиво што се вели. Така мора да функционира секој клуб. Јас се сеќавам, ние имавме управен одбор од имиња, луѓе, авторитети, бркаа пари и знаевме секој денар кај ќе оди.
Знаевме колку е откупувањето за Бобек, да дојде Рингов. Тогаш доаѓа и комисии од Белград од СДК и Вардар го пофалија како еден од најчистите клубови што се однесуваат до финансиите.
Сето тоа што се градело со години одеднаш се урна.

Што прогнозирате, што, како? Како гледате сега на Вардар во наредниот период?
Тие што го донесоа во Неделковски во Вардар треба да се подзамислат. Ја не знам кои се, дали се луѓе од актуелната власт, не знам, не навлегувам во тие работи. Јас го гледам само спортскиот аспект и чувствувам дека вака не може да се продолжи во Вардар.
Нека прости Миленко, меѓутоа претера, па и со овие летните подготовки што ги направи во Италија. Таму ваму ги шета, ги истроши, де немаат сила да играат.
Во Вардар треба да се направи една реконструкција целосна, да се донесат луѓе. Не мора да бидат сите од политика.
Може да бидат тука и вистински љубители, симпатизери на Вардар, ко што беше порано. Зошто да нема едно четири пет од тие запалените комити. Тие беа главни во Вардар. Купуваа карта. Велеа еве јас сакам карта да купам за Вардар. Дотаму се одеше. Дотаму е толку голема љубовта кон Вардар и одеднаш сето тоа се, се распадна. Ја нема таа атмосфера.
Ајде малку објаснете ја таа љубов кон Вардар. Зошто постоеше таква љубов? Со што се идентификуваше публиката, градот, државата?
Вардар, тоа малкумина го споменуваат и го знаат. 1927 година беше формиран како „Лоптачки клуб Вардар Скопје“. Сашо Панов, покојни, кога снимав емисија со него за МТВ, тогаш тамо бев ми донесе, го чувал тој документ кај што го пишува тоа и јас го снимив и го пуштивме тоа во емисија – Лоптачки клуб Вардар, 1927. Пред тоа ги имаше Беласица, во 1919, Тиверија 1921, па Љуботен, па Балкан. Најмногу наставници и тренери имаше од Србија.
И полека, полека почна да се гради името на Вардар. Инаку, за време на војната под името Македонија едно пет фудбалери играа за бугарска репрезентација. Меѓу нив беше и Кирил Симоновски – Џина, легендата на Вардар.
Тој играше два натпревара против Хрватска во Загреб пет еден и и во Софија еден еден во реванш за репрезентација на Бугарија. Такво време беше.
Се најдоа средства за ова и тогаш се создаде една генерација,во 1949 година кога јуниорите на Вардар, меѓу кои беше мојот починат колега Бранко Давидовски, стана освојувач на Купот на Југославија. Од ттогаш сите млади во Македонија некако поради овие резултати беа заинтересирани да дојдат во Вардар.
А кога Вардар се пласира и во првата лига во педесетата година веќе стандарден беше. Педесет и четврта му се приклучи и Работнички. Малкумина знаат дека една сезона Работнички беше член на првата лига, меѓутоа испадна, а Вардар продолжи. И тогаш почнаа тие генерации Цојлев, Велковски и Цветковски, голманот Тоде Георгиевски, голманот Вучидолов, Лазаревски, Чапаревски, подоцна докторот.
Се создаваа тие генерации. Андон Дончевски и тој е легенда на Вардар. И така Вардар во тоа време немаше проблеми бидејќи сите видоа ти се консолидира како клуб, ама со луѓе што го сакаа и што работеа и што носеа средства за Вардар.
Така Вардар, на некој начин стана национален фудбалски симбол и не само фудбалски, туку и идентитетски некако како Македонци се врзувавме и се прикажувавме и со гордост, еве јас сум Вардарец.
Сегде кај што ќе одевме нашинците не пречекуваа. Во Љубљана, много иселеници наши таму мајстори, специјалисти, градежници, ќе се соберат, ние не можевме да одиме до стадион со автобус, знаеја кај сме сместени во хотел Слон и ќе дојдеа тука со знамиња.
На времето реки од навивачи доаѓаа од Ѓорче Петров, Од Водно, од Мичурин, од Автокоманда.

Една работа да не заборавиме фудбалот и Вардар особено како спорт произлегуваат од народ, произлегуваат од средините кај што тоа не се елитни спортови, на пример како тенисот или некои спортови.
Тоа се народни спортови и тие произлегуват од улиците, од маалата, од народот, од предградијата, од градот. И така се градат и така се негуваат и оттаму е таа љубов, тоа, тоа врзевно ткиво што постои меѓу публиката, меѓу заедницата и клубот. И тоа така се се негува.
Сакам ова да го врзам и со Вардар, ама и со ова што се случуваше на само што завршеното Светското првенство во фудбал. Гледаме дека парите доминира и на Светското првенство и се гледа сѐ преку профитот, но се заборави компонентата на ова што ја спомнав дека тоа народен спорт, дека им припаѓа на публиката, дека произлезе од, како што реков, од маалата, од улиците. Како вие сега гледате на тоа со сето ваше искуство?
Јас цела младост гледав кога играше Вардар тука. Собиралиште беше Дебар Мали. И овие од Ѓорче Петров и Водњанци доаѓајќи накај стадион се собираа пред Идадија, па ќе продолжат до паркот, ама не продолжуваат веднаш, туку да се соберат повеќе.
И гледаш после почнуваат реки да доаѓаат по насипот од Ѓорче Петров, од Тафталиџе, ваму од кај плоштадот доаѓаат овие од кај Мичурин, доаѓаат овие од кај Автокоманда и се собираат сите.
А ние ко деца уште тогаш „чичко да влезам со тебе“ беше работата. Тие што имаа карти за рака ќе не фатеа. Ајде, вика влегувајте, да има дечиња да се радуваат. Тоа беше убаво време, чичко, да влезам со тебе.
Дури и јас во книгата за Дарко Панчев го напишав и тоа: Можеби и Дарко беше меѓу тие дечиња што велеше чичко, да влезам со тебе, а после стана играч за кој што па сите доаѓаа да го гледаат.
Да, стана светска ѕвезда. Но, тоа се загуби, го нема веќе тоа време…
И животот и времето. Сега ќе речеме современо, ама современо време е и за белграѓани и за Црвена ѕвезда, современо е времето и за Динамо Загреб, современо е и за Далматинците, па останало тоа.
Иста е ситуација и со Сараево, Железничар, Вележ. Тие клубови ден денеска го имаат тоа. Единствено малку Црногорците лутаат Будуќност им се загуби. Во Словенија се одржуваат Олимпија и Марибор.
Се потценување гледаме на нашите играчи и тоа ме боли.

Кога ги спомна Сараево, Мостар, Вележ и тие клубови, еве гледаме сега Босна и Херцеговина беше на Светското првенство.
Е па беше на Светското. Тоа е резултат на тој континуитет што го имаат и таа љубов кон фудбалот и создавање во здрава атмосфера, здрави играчи.
Јас се сеќавам со Сафет Сушиќ игравме со Сараево. Јас во Вардар и во кафичот отидовме кај Мујкиќ во Баш Чаршија седиме и Сафет навраќа. И вика јас ќе „попијам“ едно пиво.
Чекај, му викам, имаш натпревар. Не вика, не играм јас против Вардар денеска. Одам на одам на терапија нешто ногата му беше повредена. Е, добро е, викам, значи може да очекуваме нешто, ептен другарски што се вели.
Ние никогаш не сме се карале со противничките управи. Тоа е спортот. Тие односи го градеа тогаш и фудбалот и беа присутни во фудбалот, како меѓу играчите, навивачите и оние што ги водеа клубовите, што ја создаваа таа атмосфера.
Тоа се градело со години. И сега сето тоа што се градело со години одеднаш се урна. Тоа е трагедија и жалост. А дека се урни са најдобро покажува овие натпревари во куповиве.
Ми е жал, се трошат пари и големи пари. Мислам да дојдат играчи Аргентинци. Зошто не бара наши играчи? Ви спомнав јас, Марко даде гол за Шкендија. Имаме такви играчи, па дај собери ги ако ги плаќаш овие.
Се потценување гледаме на нашите играчи и тоа ме боли.
Зошто никој на покажа интерес за внукот на Ѓоко Хаџиевски, Георг Стојановски. Прв стрелец беше на Спартак Варна. Секој натпревар на петнаесет натпревари одиграни за нив, единаесет или дванаесет гола дадени и уште толку асистенции. Ама тоа е…
Една од функциите од тоа што треба да го прави еден клуб, да негува локалните играчи од заедницата, кај што изникнал, од клубската школа да создава нови генерации.
Така е. Се сеќавам кога ќе истрчаа на терен, еве сега ќе ти ги кажам: Тоде Георгиевски, Вучидолов, Лазаревски, Трајчевски, Урош Петровски на лева полутка, Анѓушев во одбраната, а потоа во нападот еден Владо Николовски, Мирко Илиевски, Андон Дончевски, Стојан Велковски, Петар Шулинчевски… Играчишта, па за нив одевме, за нив одевме да ги гледаме.
Срце ме боли сега што ситуацијата е ваква, го нема веќе тоа и не знам, ако не се смени нешто дали ќе го има. Не знам како тоа не го гледат. Секоја почит кон државата, меѓутоа треба да се избори и за Вардар да го донесе на права патека и да тргне. Вардар може да биде првака и не мора, ама и да му се врати љубовта.
