„Устав на Република Хрватска“ во Скопје: приказна против омразата

Филмот „Устав на Република Хрватска“ на режисерот Рајко Грлиќ беше прикажан на 16 септември во Кинотеката на Македонија во Скопје, каде што преку драма и црн хумор ја отвори болната тема за националната, верската и сексуалната нетрпеливост во постјугословенските општества. Пред проекцијата, продуцентот Мајк Дауни разговараше со македонскиот писател Александар Прокопиев за создавањето на филмот и општествените пораки што ги носи.

Остварувањето од 2016 година ја следи приказната на четири лица кои живеат во иста станбена зграда во Загреб, но меѓу нив стојат длабоко вкоренети предрасуди. Нивните етнички, верски и лични разлики прераснуваат во невидливи ѕидови, сè додека животните околности не ги принудат да си помагаат и да ги преиспитаат ставовите со кои дотогаш се идентификувале.

Во средиштето на приказната се професорот по историја Вјекослав Краљ, хомосексуалец и жесток хрватски националист, и неговиот сосед Анте Самарџиќ, полицаец со српско потекло кој се соочува со тешкотии додека го учи хрватскиот Устав. Нивниот однос постепено ја разоткрива противречноста меѓу вредностите запишани во државните документи и начинот на кој луѓето ги третираат оние што ги сметаат за различни.

Грлиќ не ги прикажува предрасудите како далечен или апстрактен проблем. Тие се присутни во семејството, во соседството, на улицата и во институциите. Токму поради тоа, филмот често е опишуван како љубовна приказна за омразата, во која хуморот не ја ублажува нетрпеливоста, туку ја прави повидлива.

Сценариото го напишале Рајко Грлиќ и Анте Томиќ, а главните улоги ги толкуваат Небојша Глоговац, Ксенија Маринковиќ, Дејан Аќимовиќ и Божидар Смиљаниќ. Автор на музиката е македонскиот композитор Дуке Бојаџиев, а во продукцијата учествувала и македонската компанија „Револушн продукција“.

Филмот ја освои главната награда „Гран при на Америка“ на Светскиот филмски фестивал во Монтреал, по што доби повеќе признанија на меѓународни фестивали, меѓу кои и награди за филм, сценарио и актерска изведба на фестивалите „Рејнденс“ и во Санта Барбара.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?