482 страници откриваат како медиумите на Орбан ги кроеле вестите

Новинарите и уредниците во унгарската државна новинска агенција МТИ повеќе од една деценија собирале документи за цензура, забранети теми, менување содржини и политички упатства при објавувањето вести во периодот на владите на Виктор Орбан. Материјалот од 482 страници е предаден на новото раководство на јавниот медиумски систем, кое наредило внатрешна истрага.

Документите ги составила неформална група новинари и уредници наречена „PRO DOMO“. Најраниот материјал датира од 2015 година, а последниот е составен непосредно пред парламентарните избори во 2026 година. Бидејќи најголем дел од авторите работеле на надворешнополитички теми, тие оценуваат дека собраните случаи се само „врвот на ледениот брег“.

Случаите се поделени во неколку категории: премолчени вести, текстови подготвувани по наредба, отфрлени материјали, изменети содржини, цензурирани информации и невистинити новинарски извештаи. Новото раководство на јавниот медиумски холдинг засега објави избор од 15 страници со интерни пораки, електронска кореспонденција и уреднички инструкции.

Во еден од документите се наведува дека владини претставници редовно давале детални упатства до вработените во формално независната новинска агенција. Кога одредена тема не била јасно регулирана, насоки доставувал Центарот за владино информирање, предводен од Антал Роган.

Меѓу објавените примери има порака од 2019 година во која тогашниот шеф за комуникации на Орбан, Берталан Хаваши, доставил веќе подготвени наслов и вовед што МТИ требало да ги употреби. Во друга порака вработените биле предупредени дека наредбите од повисоко ниво се задолжителни и дека не треба да се обидуваат да расправаат за нив.

Документите покажуваат и дека дописникот на МТИ во Москва добил упатство да не му поставува прашања на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за време на неговата средба со Петер Сијарто. Поранешниот портпарол на унгарското Министерство за надворешни работи, Мате Пацолај, изјави дека само го пренел барањето на руската страна и дека ваквата практика се применувала и при други официјални посети.

Од вест за антивоени протести во Русија во 2022 година бил отстранет делот дека локални политичари во Санкт Петербург побарале смена на Владимир Путин. Во јануари 2023 година не била објавена информацијата од „Транспаренси интернешнл“ дека Унгарија е најлошо рангираната земја во ЕУ според индексот за перцепција на корупцијата.

МТИ не објавила ниту подготвена вест за центар поддржан од Кремљ, осомничен за ширење руска пропаганда преку лажни профили. Биле отфрлени и информации за тешкотиите околу германската набавка на руската вакцина „Спутник В“, регрутирањето затвореници од групата „Вагнер“ и критиките на романскиот премиер за изјавите на Орбан за „мешањето на расите“.

Дел од темите морале да поминат низ дополнителна контрола пред објавувањето. Од април 2022 година тоа важело за материјалите поврзани со војната во Украина, додека од август 2025 година сите вести за Израел морале претходно да ги одобри раководен уредник.

Постоеле и списоци на извори што вработените не смееле да ги користат. Германскиот весник „Ди велт“ бил ставен на списокот во април 2018 година, а организациите „Амнести интернешнл“ и „Хјуман рајтс воч“ од ноември 2019 година.

Во пресрет на германските избори во февруари 2025 година, уредниците добиле наредба резултатот на десничарската АфД да биде прикажан во поповолно светло. Во друг случај било побарано германскиот закон за самоопределување на родот да биде нарекуван „закон за промена на полот“.

Новото раководство на јавните медиуми соопшти дека објавувањето на документите е дел од проверката на претходното работење, обновувањето на довербата и спречувањето слични практики во иднина. Обработката на целосниот материјал продолжува, а се проценуваат и правните ризици од неговото целосно објавување.

Хаваши ги отфрли обвинувањата дека вршел недозволен притисок врз новинарите. Тој изјави дека во текот на својата работа во владините комуникации постапувал во согласност со законите, новинарската етика и вообичаената професионална соработка.

Најчитано