Километарски колони, бавно движење и нервоза зад воланите повторно се секојдневие за жителите на Драчево и околните населби. Работите на булеварот „Борис Трајковски“ го стеснуваат еден од главните влезови кон овој дел од Скопје, а во сообраќајниот шпиц колоните се протегаат сè до ОХИС.
Фотографиите кои ги доби редакцијата на Рацин.мк, сведочат дека не се одвиваат никави активности, нема работници туку само поставени знаци, блокада и нервозни возачи.
Метежот е особено изразен во часовите кога граѓаните од Драчево, Зелениково и Студеничани одат или се враќаат од работа. Булеварот е практично главната сообраќајна артерија за десетици илјади жители, па секое забавување на критичниот потег меѓу Пинтија и Драчево веднаш создава долги колони.
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски денеска најави дека работите конечно се приближуваат до асфалтирање. Според Град Скопје, трасата е ослободена, поставена е нова атмосферска канализација, а од едната страна е завршено тампонирањето, по што треба да следува првиот слој асфалт.
Станува збор за делница од околу 850 метри, од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со проектот се предвидуваат четири сообраќајни ленти, како и пешачко-велосипедска патека.
Ѓорѓиевски уште во мај тврдеше дека работите се одвиваат побрзо од предвиденото и дека тогаш биле завршени околу 88 проценти од зафатот. Речиси три месеци подоцна, од Градот сега најавуваат почеток на асфалтирањето.
До целосното отворање на проширениот булевар, сепак, најголемиот товар го носат граѓаните кои секојдневно го користат овој правец. „Борис Трајковски“ ги поврзува Кисела Вода, Пинтија и Драчево и е една од главните сообраќајни врски и за жителите на Зелениково и Студеничани.ж
