Драшковиќ: Србија е пред духовен понор по величењето на Младиќ

Поранешниот српски министер за надворешни работи и долгогодишен лидер на Српското движење за обнова, Вук Драшковиќ, остро реагираше на величењето на Ратко Младиќ по неговата смрт, оценувајќи дека Србија се наоѓа „пред духовен понор“.

„Медиумското хиротонисување на Ратко Младиќ во витез и херој на српската нација е срамно и непростливо славење на страшните злосторства за кои е осуден“, изјави Драшковиќ за српски „Данас“.

Тој реагираше и на можноста Младиќ да биде погребан со највисоки државни и воени почести.

Според Драшковиќ, таков погреб на човек правосилно осуден на доживотен затвор за геноцид и други воени злосторства би значел „погребување на моралните, правните и универзалните човечки темели на денешна Србија“.

Неговата реакција доаѓа во момент кога во Србија и Република Српска повторно се отвори длабока поделба околу наследството на поранешниот командант на Војската на Република Српска.

Српскиот претседател Александар Вучиќ го критикуваше судот во Хаг затоа што не му дозволил на Младиќ последните денови да ги помине во Србија и таквата одлука ја нарече „нецивилизирана“. Тој порача и дека Србија ќе помогне околу погребот доколку семејството одлучи Младиќ да биде погребан таму.

Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ го обвини Хашкиот механизам за „антицивилизациско однесување“, додека лидерот на Република Српска Милорад Додик смртта на Младиќ ја нарече „убиство“ и повторно го претстави како воен командант кој ги бранел Србите.

Во исто време, дел од српската опозиција има целосно спротивен став. По смртта на Младиќ, некои партии го нарекоа херој, додека други нагласија дека човек осуден за геноцид и воени злосторства не може да биде модел за идните генерации.

Младиќ беше командант на Војската на Република Српска за време на војната во Босна и Херцеговина. Во 2017 година беше осуден на доживотен затвор, а пресудата беше потврдена во 2021 година. Меѓу злосторствата за кои беше осуден се геноцидот во Сребреница, каде беа убиени повеќе од 8.000 бошњачки мажи и момчиња, како и злосторствата поврзани со опсадата на Сараево.

Драшковиќ со децении е еден од најпознатите српски политичари што јавно се спротивставуваат на националистичката интерпретација на војните од деведесеттите. Беше еден од најистакнатите опозициски лидери во времето на Слободан Милошевиќ, а подоцна ја извршуваше и функцијата министер за надворешни работи на Србија и Црна Гора и на Србија.

Неговата порака доаѓа во време кога и Европската комисија реагираше на величењето на Младиќ во регионот, со став дека славењето на воени злосторници е спротивно на основните европски вредности и нема место ниту во ЕУ, ниту во земјите кандидати.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?

Веќе имате гласано на оваа акента.

Да, секоја година правиме ајвар 244 (37%)
37 %
Купуваме од маркет, исти се како домашните 231 (35%)
35 %
Прескапо е, буџетот не ни дозволува 117 (18%)
18 %
Постарите прават и ни даваат 66 (10%)
10 %