Унгарија отвори кривична истрага за кредитот од една милијарда евра за Македонија

Фотографија од официјална ФБ страна на премиерот Христијан Мицкоски

Унгарските власти отворија кривична истрага за работењето на државната „Ексимбанк“, а меѓу случаите што се проверуваат е и кредитот од една милијарда евра одобрен за Северна Македонија.

Според информациите на „Ројтерс“, полицијата истражува четири случаи поврзани со банката поради сомневања за злоупотреба на службената положба и несовесно управување. Постапката следува по пријава поднесена во јули од унгарското Министерство за економија, врз основа на наодите од внатрешна ревизија.

Во рамките на истрагата биле запленети илјадници страници документација од Министерството. Унгарската полиција соопшти дека материјалите содржат дополнителни податоци релевантни за испитувањето на пријавените случаи.

Еден од предметите се однесува на кредитите што унгарската „Ексимбанк“ ѝ ги одобри на Северна Македонија во вкупен износ од околу една милијарда евра. Средствата беа обезбедени во две транши, со фиксна каматна стапка од 3,25 проценти и целосна државна гаранција.

Унгарскиот премиер Петер Маѓар уште во јули изјави дека треба да се утврди дали средствата наменети за поддршка на унгарските компании биле пренасочени за финансирање странски политички сојузник и дали од аранжманот можеле да имаат корист компании блиски до претходната унгарска власт. Станува збор за сомневања што треба да бидат проверени во истрагата, а не за утврдена злоупотреба.

Кредитниот пакет за Македонија беше договорен за време на владата на Виктор Орбан. Маѓар, чија влада ја презеде власта по изборите во април, најави проверки на повеќе зделки и финансиски аранжмани склучени во времето на неговиот претходник. Орбан ги отфрла обвинувањата за корупција.

Првиот договор за заем од 500 милиони евра беше потпишан во Будимпешта во октомври 2024 година, откако македонското Собрание претходно усвои посебен закон. Дел од средствата беа наменети за инфраструктурни проекти на општините, а дел за кредитирање на домашните компании преку комерцијалните банки. За компаниите беа предвидени кредити со камата од 1,95 проценти, рок на отплата до 15 години и тригодишен грејс-период.

Засега нема информации дека македонски функционери или институции се опфатени со кривичната истрага. Постапката се води во Унгарија и е насочена кон работењето и одлуките на државната „Ексимбанк“.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?