Мајка на три деца во Велика Британија го пронашла украдениот автомобил користејќи апликација за iPhone којашто го лоцирала лаптопот оставен во багажникот, пишува Дејли Меил.
Виви Кала, 38, и нејзиниот сопруг Дејвид го оставиле својот Киа Спортаж на улица во близина на хотел во Чигвел, Есекс, каде што присуствувале на свадба. Кога го напуштиле хотелот четири часа подоцна, автомобилот го немало. Детските играчки и MacBook Pro лаптопот сè уште биле во багажникот.
Нејзиниот сопруг ја повикал полицијата, а Виви отворила апликација за следење на уреди на својот паметен телефон и открила дека лаптопот е на другата страна од градот. Запрела такси, му ја објаснила ситуацијата на возачот и двајцата со сопругот тргнале да го пронајдат лаптопот. На патот, му покажала на возачот мапа со нејзината геолокација, а тој брзо ги однел до нивната дестинација. Нејзиниот сопруг прв излегол од автомобилот, додека Виви останала во таксито во случај крадците да се сè уште во близина.
На почетокот не биле сигурни дали го пронашле својот автомобил – крадците веќе ги смениле регистарските таблички, ставајќи лажни на табличките. За среќа, автомобилот не бил оштетен и семејството едноставно го отклучило и си заминало.
Тие успеале да заминат на планираниот одмор во Шкотска уште следниот ден. Кала признала дека без лаптопот во багажникот, наоѓањето на автомобилот би било речиси невозможно. Сега планира да купи брава на воланот против кражба и трагач за автомобили.

