Косара Митиќ за филмот „17“: Насилството на тишината е нашиот најголем колективен неуспех

Македонската режисерка Косара Митиќ со дебитантскиот филм „17“ отвора болна тема за молкот, општествената апатија и системските пропусти што ги оставаат младите сами пред најтешките животни ситуации. Во интервју за емисијата „Трилинг“, таа зборуваше за реалниот настан што ја инспирирал, патот до филмот и состојбите во македонската кинематографија.

Приказната е инспирирана од случајот од 2017 година, кога девојка на матурска екскурзија се породила во тоалет на граничниот премин Табановце. За Митиќ, највознемирувачкиот дел не бил само настанот, туку фактот што никој во нејзината околина не знаел дека е бремена.

Она што мене ми беше многу шокантно беше моментот дека никој не знаеше дека е бремена, ниту родителите, ниту колегите, ниту професорите. Првото нешто што ми дојде беше: како е тоа возможно, колку тишини и структури го направиле тоа возможно?“, вели Митиќ во „Трилинг“.

Според неа, „17“ не е само приказна за скриена тинејџерска бременост. Филмот го истражува „насилството на тишината“ и недостигот од отворена комуникација во семејството, училиштето и општеството – средина во која младите често немаат ниту простор ниту зборови за проблемите со кои се соочуваат.

Во текот на аудициите со средношколци и студенти по актерска игра, режисерката слушнала бројни лични искуства што ѝ покажале дека темата не е изолиран случај. Токму семејниот молк и отсуството на доверба, според неа, се меѓу најдлабоките проблеми што филмот се обидува да ги отвори.

„17“ привлече внимание на фестивалите во Берлин, Полска и Сараево, каде што бил поздравен со десетминутни овации. Филмот обезбеди и македонска кандидатура за престижната награда „Оскар“, со што дебитантското остварување на Митиќ доби дополнителна меѓународна видливост.

Митиќ се вбројува во новиот бран македонски режисерки, заедно со Дина Дума, Тамара Котевска и Ана Јакимска. Таа оценува дека женските авторски гласови конечно добиваат поголемо признание, без меѓусебен ривалитет и со различни, автентични филмски изрази.

Многу се радувам што сме препознаени токму со филмови што ги носат жени. Носиме посебна енергија и мило ми е што конечно дојдоа нашите пет минути“, вели режисерката.

Зад успехот, сепак, стои долг и тежок продукциски процес. Митиќ на проектот работела од 2017 година, со постојани предизвици при обезбедувањето продуценти и финансиска поддршка. Како дополнителен проблем го посочува слабиот домашен маркетинг, поради кој македонските филмови неретко се повидливи на странските фестивали отколку пред публиката во земјава.

Таа смета дека се потребни промени во заштитата на авторските права, посилна поддршка за дистрибуцијата и реален простор за младите автори. Апатијата, според Митиќ, може да се надмине само доколку младите добијат можност да создаваат, да го кажат своето мислење и професионално да се развиваат во Македонија.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?