Бројките од истражувањата покажуваат дека жените и мажите немаат ист пристап до институциите и во политиката, особено ако тоа се позиции кои одлучуваат или дефинираат политики. На локалните избори во 2025 година, само 4 од вкупно 81 градоначалничка функција ги извршуваат жени. Во Владата формирана во 2024 година, само 3 од 20 ресорни министри се жени. Сличен јаз постои и во образованието: иако жените сочинуваат 58,6 проценти од кадарот во средното образование, само 10,8 проценти од позициите кои имаат моќ за одлука како што се директорските, ги заземаат жени.
Истовремено, со растот на употребата на нерегулираните социјални мрежи, жените на изборите, во јавниот живот и политиката сè почесто се изложени на сексистичко таргетирање, кампањи и наративи кои ги претставуваат како носителки на „странски вредности“ или „западно влијание“. Ваквото таргерирање со родови дезинформации не се изолирани лични напади, туку дел од пошироки стратегии што ги користат родовите прашања за продлабочување на поделбите, поткопување на довербата во институциите и ограничување на демократското учество.
„Јавната дебата за една кандидатка или носителка на јавна функција се сведува на нејзиниот изглед, морал или наводна лојалност, наместо за нејзините ставови и работа. Така се зголемува цената што жените ја плаќаат за влез и останување во политиката, се стеснува изборот на граѓаните и се поткопува довербата во изборниот процес. Затоа родовите дезинформации мора да ги третираме како прашање на демократска отпорност и изборен интегритет“, истакна Драгана Каровска Чемерска, претставничка на ХЕРА.

Неодамнешното повлекување на наставната програма и изборниот предмет Сеопфатно сексуално образование од страна на Министерството за образование и наука дополнително ја покажува потребата институциите да развијат отпорност кон организирани притисоци со дезинформациски наративи, и тие да носат самостојни и одговорни одлуки врз основа на докази, стручност, човекови права и јавен интерес. Дополнително, треба да располагаат со механизми кои ќе ја испитаат можната поврзаност со пошироки операции за штетни домашни и странски влијанија.
ХЕРА укажува дека родовата димензија треба да стане составен дел од процената на ризиците за изборниот процес. Потребни се методологија за следење на родовите дезинформации кои го опфаќаат целиот изборен циклус а не само периодот на кампања. Потребни се зајакнати капацитети на надзорните тела и навремена заштита на кандидатките и носителките на јавни функции од координирани напади и кампањи.
Институциите, медиумите, граѓанското општество и меѓународните партнери треба да воспостават усогласен механизам за препознавање, упатување и реагирање на ваквите ризици. Следењето треба да ги опфати и нивните можни последици: повлечени кандидатури, прекинати мандати, самоцензура и намалена подготвеност на жените да учествуваат во јавниот и политичкиот живот.

