Деца под 13 години без профили на социјалните мрежи, ограничени сметки и најмногу еден час дневно за оние од 13 до 15 години, приватни профили, забрана за контакти од непознати лица и крај на дел од функциите што ги тераат корисниците бесконечно да скролаат. Европската комисија денеска го претстави KIDS Act, новиот законски предлог со кој сака значително да го промени начинот на кој малолетниците го користат интернетот.
Предлогот не се однесува само на Facebook, Instagram или TikTok. Правилата треба да ги опфатат социјалните мрежи, платформите за видеа, онлајн игрите, како и ВИ-четботовите и таканаречените AI companions што комуницираат со корисниците.
Најголемата промена е поделбата според возраста.
Децата помлади од 13 години воопшто нема да смеат да имаат профил на социјална мрежа. Ќе можат да користат одредени видео-сервиси приспособени за деца, но преку профил со кој управува родител или старател.
Од 13 до навршени 15 години ќе биде дозволена таканаречена „мини-сметка“. Со неа ќе управува родител или старател, функциите ќе бидат ограничени, а времето за користење ќе биде ограничено на еден час дневно.
Од 15 години малолетникот ќе може самостојно да отвори и да управува со свој профил, но платформите и понатаму ќе мора да применуваат посебни правила за заштита сè додека корисникот е малолетен.
Тоа значи дека навршувањето 15 години нема да овозможи користење на платформите под исти услови како за возрасните.
Европската комисија сака да забрани или силно да ограничи дел од механизмите за кои смета дека поттикнуваат прекумерно и компулсивно користење. Меѓу нив се бесконечното скролање без природна пауза, автоматското пуштање содржини, известувањата што го враќаат детето на платформата и таканаречените „streaks“, со кои корисникот се наградува ако се враќа секој ден.
Платформите ќе мора да воведат и ефективни паузи и временски ограничувања, особено за периодите кога детето треба да спие или да биде на училиште.
Ќе се менува и начинот на кој алгоритмите им избираат содржини на малолетниците.
Наместо главна цел да биде што подолго задржување на корисникот, системите за препораки кај малолетниците ќе треба да бидат оптимизирани за безбедност, квалитет на содржината и ментална благосостојба. Содржините што детето свесно избрало да ги следи треба да имаат предност, додека персонализацијата врз основа на следење на неговото однесување ќе биде исклучена по автоматизам.
Комисијата сака да го ограничи и таканаречениот „rabbit hole“ ефект, при кој алгоритмот постепено му нуди на корисникот сè поекстремна или сè потесно насочена содржина врз основа на претходните прегледи.
Профилите на малолетниците ќе мора автоматски да бидат приватни.
Непознати лица нема да смеат несакано да воспоставуваат контакт со нив, а платформите ќе мора да обезбедат едноставни алатки за блокирање и замолчување други корисници. Предлогот предвидува и малолетниците да немаат можност самостојно да емитуваат видеа во живо.
Посебни правила ќе важат и за вештачката интелигенција.
AI companions и четботови ќе мора автоматски да бидат исклучени за малолетници, а системите нема да смеат да бидат дизајнирани така што ќе создаваат емоционална зависност или ќе го убедуваат детето дека со машината има вистински човечки однос.
Една од најголемите промени ќе биде и проверката на возраста.
Социјалните мрежи и видео-платформите ќе мора да ја проверуваат возраста при отворањето нова сметка, а обврски ќе добијат и продавниците за апликации.
ЕУ веќе разви сопствен систем за доказ на возраста кој треба да овозможи корисникот да потврди дека е над одредена возраст без на платформата да ѝ ги испраќа своите лични документи или биометриски податоци. Европската комисија бара вакви решенија да бидат достапни низ Унијата до крајот на 2026 година.
Новината е и во тоа кој ќе мора да докажува дека правилата се почитуваат.
Според KIDS Act, товарот во голема мера се префрла врз платформите. Најголемите онлајн сервиси ќе треба однапред да покажат дека нивните производи се безбедни за малолетници и дека се дизајнирани во согласност со правилата, наместо регулаторите дури по настанувањето на проблемот да докажуваат дека платформата е опасна.
Кај најголемите платформи ќе се бара и план за усогласување и независна проверка на мерките. За прекршување на правилата предвидените казни може да достигнат до шест проценти од вкупниот годишен светски приход на компанијата.
Европската Унија веќе има дел од овие заштити преку Законот за дигитални услуги. Платформите, на пример, веќе не смеат да им прикажуваат на малолетници таргетирани реклами засновани на нивното профилирање. Новиот закон оди чекор понатаму и директно го регулира начинот на кој се дизајнираат производите што ги користат децата.
Интересно е што Европскиот парламент претходно бараше уште повисока граница – 16 години за самостоен пристап до социјалните мрежи, со можност децата од 13 до 16 години да користат платформи со согласност од родителите. Предлогот што Комисијата го претстави денеска ја поставува границата за самостојна сметка на 15 години.
Правилата, сепак, нема да почнат да важат веднаш.
KIDS Act сега оди на разгледување пред Европскиот парламент и Советот на ЕУ. Двете институции можат да го менуваат текстот, а законот ќе стане конечен дури откако ќе се постигне договор за неговата финална верзија.
Доколку биде усвоен во предложената форма, ЕУ практично ќе воведе една од најстрогите заеднички рамки во светот за пристапот на децата до социјалните мрежи.
За најмладите тоа би значело целосно затворање на социјалните мрежи, за тинејџерите постепен пристап под посебни услови, а за платформите – обврска да докажат дека нивниот производ е безбеден за детето пред да се обидуваат да го задржат што подолго пред екранот.

