Автомобил-бомба во Пакистан, најмалку 31 загинат

Најмалку 31 лице загинаа, а повеќе од 100 се повредени во координиран напад врз полициски комплекс во северозападен Пакистан, каде автомобил натоварен со експлозив удрил во џамија додека полицајци и нивните семејства биле собрани на петочна молитва.

Нападот се случил во градот Кохат, во провинцијата Хајбер Пахтунхва, во близина на границата со Авганистан. По експлозијата, вооружени напаѓачи се обиделе да навлезат во комплексот, по што започнала долга престрелка со безбедносните сили.

Според последните информации што ги пренесе Reuters, локалните полициски власти го зголемиле бројот на загинати на најмалку 31. Првичните извештаи во петокот говореа за 16, а потоа за 21 загинат, додека спасувачките екипи продолжувале да извлекуваат луѓе од урнатините.

Меѓу жртвите има полицајци, но и цивили и членови на нивните семејства кои биле во џамијата за време на молитвата.

Нападот не завршил со првата експлозија. Вооружени лица успеале да се забарикадираат во комплексот, каде се сместени полициски и антитерористички единици. Пакистанските сили дури по околу 20 часа соопштиле дека операцијата е завршена. Според АП, биле пронајдени тела на осум напаѓачи, а дел од нив активирале експлозив за време на судирите.

Информациите за тоа кој стои зад нападот не се целосно усогласени. Пакистанските талибанци – ТТП, кои во последните години стојат зад голем број напади врз безбедносните сили, негирале директна одговорност, додека други извештаи наведуваат дека нападот го презела вооружена група поврзана со командантот Хафиз Гул Бахадур.

Кохат се наоѓа во еден од најнестабилните делови на Пакистан. Хајбер Пахтунхва во последните месеци се соочува со нов бран напади врз полицијата и армијата, особено во областите блиску до авганистанската граница.

Само еден ден пред нападот во Кохат, шест пакистански војници загинаа во експлозија на бомба поставена покрај пат во соседниот округ Хангу. Безбедносните сили потоа соопштија дека во повеќе операции убиле десет осомничени милитанти.

Односите меѓу Пакистан и Авганистан дополнително се влошуваат поради ваквите напади. Исламабад ја обвинува талибанската власт во Кабул дека им дозволува на ТТП и други вооружени групи да користат засолништа на авганистанска територија и оттаму да организираат акции во Пакистан.

Авганистанските власти ги отфрлаат тие обвинувања.

Тензиите годинава веќе доведоа и до пакистански воздушни напади врз цели во Авганистан, за кои Исламабад тврди дека биле кампови и позиции на вооружени групи. Кабул, пак, обвини дека биле погодени и цивилни области.

Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф го осуди нападот во Кохат и нареди забрзување на спасувачките операции, додека Министерството за внатрешни работи порача дека нападите нема да ја променат политиката на државата против вооружените групи.

Нападот во Кохат е еден од најсмртоносните во Пакистан оваа година и уште една потврда дека северозападниот дел од земјата повторно станува центар на сериозна милитантна активност.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?