НАТО го поздрави договорот меѓу САД, Данска и Гренланд за засилено американско безбедносно присуство на островот, оценувајќи дека тој ќе ја зајакне безбедноста во Арктикот и Северниот Атлантик – регион кој Алијансата го смета за клучен за колективната одбрана.
„Договорот ќе помогне да се зајакнат безбедноста, стабилноста и соработката во овој витален регион“, соопшти портпарол на НАТО, додавајќи дека Алијансата ќе продолжи да ја засилува својата улога во Арктикот.
Договорот сè уште не е потпишан. Се очекува тоа да се случи следната недела на маргините на Генералното собрание на ОН, по што ќе следуваат потребните национални процедури. Клучните детали сè уште не се јавно објавени.
Според досега објавеното, договорот треба значително да го прошири американското воено присуство на Гренланд и да спречи држави што Вашингтон ги смета за противници да воспоставуваат воени бази или чувствителни инвестиции на островот.
Американскиот претседател Доналд Трамп договорот го претстави како решение со кое САД ќе имаат трајна можност да ги преземаат неопходните безбедносни мерки на Гренланд. Данска и властите во Нук, сепак, нагласуваат дека договорот не значи пренесување на суверенитетот врз островот.
Премиерот на Гренланд Јенс-Фредерик Нилсен порача дека договорот го признава територијалниот интегритет на Кралството Данска и правото на Гренланѓаните сами да одлучуваат за својата иднина. Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен, пак, оцени дека договорот треба да ја зајакне безбедноста во Арктикот и Северниот Атлантик без преминување на данските „црвени линии“.
Токму оваа формула е важна и за НАТО. Арктикот во последните години станува сè позначаен поради руското воено присуство, зголемениот интерес на Кина, новите поморски правци и растечкото значење на критичните минерали.
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте уште во јануари посочи дека една од главните безбедносни задачи во Арктикот е да се спречи Русија и Кина да добијат поголем воен или стратешки економски пристап до регионот.
Договорот доаѓа по месеци тензии меѓу Вашингтон и Копенхаген. Трамп претходно отворено зборуваше за американско преземање на Гренланд, што предизвика дипломатска криза меѓу две членки на НАТО. Данска и Гренланд повеќепати одговараа дека островот не е на продажба.
Сегашниот компромис го префрла спорот од прашањето кој го поседува Гренланд кон тоа кој и како ќе ја гарантира неговата безбедност.
За НАТО, исходот значи посилно американско присуство во една од најчувствителните точки на северното крило на Алијансата, без формално менување на границите или суверенитетот.
Дополнителна тежина на моментот му дава и состанокот на Воениот комитет на НАТО, кој токму овој викенд се одржува во Копенхаген со учество на началниците на одбраната на сите 32 членки. На агендата се зајакнувањето на колективната одбрана, воената подготвеност и новите безбедносни предизвици.
Доколку договорот биде потпишан и ратификуван според најавите, Гренланд ќе остане дел од Кралството Данска, но со уште поголема американска воена улога – формула што НАТО ја гледа како засилување на одбраната на Арктикот.

