Во битолскиот Архив пронајдени нови фотографии на Кемал Ататурк снимени од браќата Манаки

Во битолското одделение на Државниот архив се идентификувани најмалку две фотографии на кои се гледа Мустафа Кемал Ататурк, снимени од браќата Милтон и Јанаки Манаки. Фотографиите најверојатно потекнуваат од 1909 година, кога идниот основач на модерна Турција престојувал во Битола како офицер во османлиската армија.

Станува збор за фотографии што веќе се наоѓале во архивскиот фонд на браќата Манаки, но ликот на Ататурк досега не бил препознаен на нив. Откритието практично разрешува дилема што со децении ги следела истражувачите – дали Милтон Манаки навистина го фотографирал Кемал Ататурк.

До новото сознание дошло по посетата на битолскиот Архив на 14 и 15 септември од страна на Каталин Д. Константин, антрополог, издавач и професор на Универзитетот во Букурешт, кој подолго време го истражува творештвото на браќата Манаки. Во разговорите со архивистите тој предложил Ататурк да не се бара само меѓу фотографиите од времето кога учел во Битола, туку и меѓу материјалите од неговите подоцнежни посети на градот.

Тоа го насочило истражувањето кон фотографии направени при посетата на воена делегација предводена од германскиот генерал и воен советник Колмар фон дер Голц, познат како Голц паша. На најмалку две од нив, во позадината на воената придружба, архивистите го препознале младиот Кемал Ататурк.

Според досегашните сознанија, фотографиите најверојатно се направени во 1909 година. Ататурк тогаш бил офицер во османлиската армија, а се претпоставува дека бил дел од придружбата што вршела увид во воената подготвеност на битолските касарни. Од Архивот најавуваат дека датумот и околностите дополнително ќе се истражуваат.

Дилемата околу фотографиите постоела со години. Во архивскиот фонд има стаклени плочи со броеви 515 и 1417, во чиј опис било наведено дека на нив се ученици од Воената гимназија заедно со Кемал Ататурк. Истражувачите, сепак, не успевале да го препознаат неговиот лик на тие снимки.

Дополнителна мистерија создавало сведоштвото на самиот Милтон Манаки, кој додека бил жив тврдел дека некаде меѓу материјалите во неговото ателје постои фотографија на Ататурк. Новоидентификуваните фотографии сега даваат потврда дека такви снимки навистина постојат.

Ататурк има силна историска врска со Битола. Од 1896 до 1899 година учел во Воената гимназија во градот, а неговиот престој денес е една од причините Битола да биде особено посетувана од туристи од Турција. Во градот постои и Спомен-соба на Ататурк.

Фотографскиот фонд на браќата Манаки е еден од највредните материјали што се чуваат во битолскиот Архив. Најголемиот дел од нивното фотографско наследство – негативи, позитиви, документи и опрема – се наоѓа токму таму, а во изминатите години беше спроведена и негова обемна дигитализација.

Од Архивот велат дека истражувањето нема да заврши со овие две фотографии и очекуваат дополнителни материјали што би можеле да фрлат ново светло врз престојот и активностите на Ататурк во Битола.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?