Првпат на гинеколог: Зошто не треба да чекаш нешто да те заболи за да закажеш преглед?

Ајде искрено: колку пати си пребарувал/а симптоми на Google во 2 по полноќ? Те боли нешто во долниот дел на стомакот, ти доцни циклусот неколку дена или забележуваш некаква промена и наместо да закажеш преглед, читаш форуми кои само ти создаваат непотребна паника. Реалноста е дека многумина со години го одложуваат својот прв преглед кај гинеколог или матичен лекае, некои сè до доцните дваесетти години.

Причината за ова најчесто не е тоа што немаат мака, туку тоа што никој отворено не им кажал дека прегледот е најнормална работа и нивно основно право. Отсуството на болка не значи автоматски дека сè е во најдобар ред – многу инфекции и состојби можат да поминат без никакви симптоми. Токму затоа и постојат превентивните прегледи, за да се спречат компликации.

Ова најдобро го објаснува д-р Славјанка Стојковски, специјалист по гинекологија и акушерство: „Првиот гинеколошки преглед не треба да се чека до појавата на болка. Како гинеколог, сметам дека една од најважните пораки што треба да им ја испратиме на младите е дека кај лекар не се оди само кога нешто боли. Превентивниот гинеколошки преглед е дел од грижата за сопственото здравје и не треба да биде причина за страв, непријатност или срам.“

Најчестиот мит меѓу младите е дека на гинеколог или матичен лекар се оди исклучиво ако си сексуално активен или ако веќе ти се појавил сериозен проблем. Вистината е дека првиот разговор треба да се случи уште во пубертетот. И не, тоа не значи дека веднаш ќе те прегледуваат.

Според д-р Стојковски, првата посета често е само запознавање и градење доверба: „Особено важно е првата посета да ја доживееме како воспоставување доверба, а не како ‘казна’ или знак дека постои некој проблем. Не секоја прва посета мора да значи инвазивен преглед. Понекогаш најважниот дел е разговорот – да ја запознаеме пациентката, да ја информираме и да ѝ покажеме дека може слободно да праша и за теми за кои можеби ѝ е непријатно да разговара со родителите или пријателите.“

Бидејќи родителите често не знаат со кои зборови да ја почнат оваа тема, а во училиштата ретко се зборува за практичната страна на здравјето, младите остануваат без проверени информации.

Грижата за сопственото репродуктивно здравје и редовните превентивни прегледи се суштински дел од сеопфатното сексуално образование чија цел е да ги оспособи младите навремено, без срам и без страв да донесуваат информирани одлуки за сопственото тело. Кога младите навреме ќе научат како функционира медицинскиот преглед ќе сфатат дека лекарот е сојузник, а не авторитет што осудува. Тогаш се рушат бариерите на срамот што со генерации се пренесуваат во нашето општество. Информираноста за сопственото тело ја отстранува неизвесноста и му овозможува на секој млад човек да гради здрав и одговорен однос кон себе.

„На младите би им кажала едноставно: нема срамни прашања кога станува збор за здравјето. Менструацијата, сексуалноста, контрацепцијата, интимната хигиена или сексуално преносливите инфекции не се табу-теми, туку дел од медицината и од нормалната грижа за сопственото тело. Нашата задача како лекари не е само да лекуваме болест, туку и да ја градиме здравствената култура кај младите и да ги научиме навреме да се грижат за себе,“ додава д-р Стојковски.

Важно е да знаеш дека во ординацијата важи строга лекарска тајна. Во Скопје постојат и  Младинските центри „Сакам да знам“ на ХЕРА кои нудат бесплатни и целосно доверливи прегледи и советувања специјално прилагодени за млади. Не ти требаат пари, ниту пак здравствена книшка и објаснување.

Како што заклучува д-р Стојковски: „Да се оди на гинеколог пред да се појави проблем не значи дека нешто не е во ред. Напротив – значи дека здравјето ни е важно.“

Одењето на лекар не смее да биде чин на паника или последен излез. Да закажеш преглед кога се чувствуваш сосема добро значи дека си чекор пред проблемот и дека доволно се почитуваш за да не го оставиш сопственото тело на случајноста.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?