Жестоки студентски протести во Италија, судири со полицијата и апсења

EPA/Tino Romano

Студентски протести против владата на Џорџа Мелони вчера се одржаа во повеќе италијански градови, при што дојде до судири со полицијата, фрлање камења, јајца и пиротехнички средства. Демонстрантите бараат поголеми вложувања во образованието и намалување на воените трошоци, а најсериозните инциденти беа регистрирани во Торино и Рим.

Протестите, организирани под паролата „Не за Мелони“, опфатија повеќе градови, меѓу кои Торино, Рим, Џенова, Венеција, Падова, Тревизо и Каљари. Студентите излегоа на улиците по серијата окупации на училишни објекти, незадоволни од состојбите во образованието и политиките на италијанската влада.

„Пари за училиштата, не за војна“ и „Помалку оружје, повеќе права“ беа главните пораки на демонстрантите, кои бараат државниот буџет да се насочи кон подобрување на условите за образование, наместо кон вооружување.

Во Торино, неколку стотици средношколци маршираа низ центарот на градот, извикувајќи пароли против премиерката Џорџа Мелони, министерот за образование Џузепе Валдитара и лидерот на крајнодесничарската партија „Национална иднина“, Роберто Ваначи.

За време на протестот, дел од демонстрантите почнале да фрлаат камења и јајца кон полицијата, по што безбедносните сили интервенирале со водени топови.

Наставници формирале кордон меѓу студентите и полициските службеници, обидувајќи се да спречат понатамошна ескалација.

Полицијата во Торино уапсила тројца малолетници поради сомневање за насилен отпор кон службени лица. Според полициското соопштение, кај двајца од нив бил пронајден солзавец во спреј, а кај третиот камења. Идентификувани биле повеќе од 50 учесници во протестите, меѓу кои и лица со покриени лица.

Тензично било и во Рим, каде што група маскирани демонстранти фрлале петарди, импровизирани пиротехнички направи и шишиња кон полицијата во близина на Министерството за образование.

Дел од демонстрантите поставиле контејнери на коловозот за да го блокираат сообраќајот, а кон полициските службеници биле испразнети и противпожарни апарати. Според италијанската полиција, во насилните инциденти учествувала помала група маскирани лица.

Протестни собири се одржаа и во други градови, додека во Верона биле запалени пет контејнери и електричен тротинет. Тамошната полиција привела 21 ученик, од кои 20 малолетници, поради сомневања за оштетување имот, фрлање опасни предмети и блокирање улица.

Во Роцано, во близина на Милано, при ученичка окупација бил оштетен објект на средното училиште „Калвино“, по што локалните власти јавно го осудиле вандализмот.

Студентите велат дека нивното незадоволство е поврзано со недоволните инвестиции и лошите услови во училиштата, а дел од нив посочуваат дека инспирација добиле од неодамнешните ученички протести во Франција.

„Инспирирани сме од Франција. Нашите училишта се распаѓаат врз нас“, изјавил еден од демонстрантите во Торино.

На протестите реагираше премиерката Џорџа Мелони, која ги повика опозициските партии јасно да го осудат насилството.

„Секогаш ми е драго кога има мобилизација. Но насилството, како употребата на импровизирани експлозивни направи или нападите врз полицијата, е нешто сосема друго“, изјави Мелони по состанокот на Европскиот совет во Брисел.

Таа оцени дека опозициските лидери не го осудиле доволно јасно насилството и ги повика сите политички сили да поддржат мирни демонстрации.

Студентските протести во Италија се одржуваат во период на пошироко незадоволство од образовните политики во повеќе европски земји, каде што учениците и студентите бараат поголеми јавни инвестиции и подобри услови за образование.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?