Израел започна антитерористичка операција во областа Хеброн на окупираниот Западен Брег по нападот во кој загинаа двајца војници, соопштија израелската армија и разузнавачката служба Шин Бет.
„Силите започнаа прецизни, целни и темелни пребарувања на целата област за да лоцираат и демонтираат терористичка инфраструктура и оружје, додека ги испрашуваат осомничените“, соопштија војската и Шин Бет во заедничко соопштение објавено на Телеграм доцна во петокот.
Операцијата, во која учествуваат армијата, разузнавачките служби, граничната полиција и цивилната администрација, е ограничена на подрачјето од кое дејствувале напаѓачите и се очекува да трае неколку дена, се вели во соопштението.
Според армијата, двајца израелски војници биле убиени, а тројца биле ранети во престрелка во близина на Хеброн претходно во петокот. Двајца осомничени палестински напаѓачи од Хеброн биле убиени.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека безбедносните сили спречиле сериозен напад. Тој, исто така, најави планови за блокада на палестинската територија, што значи дека сите премини кон Западниот Брег ќе бидат затворени.
Во вторник во Израел се одржуваат парламентарни избори, а конфликтот со Палестинците е клучна тема на кампањата. Десничарските политичари се обидуваат да привлечат гласачи ветувајќи остар одговор на палестинското насилство, а во најголем дел избегнуваат да зборуваат за сè почестите напади од радикални израелски доселеници врз Палестинците на Западниот Брег, пренесува ДПА.
Војската соопшти дека ќе бидат преземени дополнителни мерки за подобрување на безбедноста во областа, вклучително и уривање на нелегални објекти што би можеле да претставуваат закана за безбедноста на местото на нападот. Безбедносните сили, додаде, спроведуваат и антитерористички операции на десетици локации низ Западниот Брег.
На жителите на погодената област ќе им биде дозволено да ја напуштат зоната преку три назначени излези, откако ќе бидат проверени, се вели во соопштението. Мерките вклучуваат и блокада на Хеброн и Халхул и поставување контролни пунктови на патиштата.
Повеќе од 1.100 Палестинци се убиени на Западниот Брег од октомври 2023 година.
Израел го зазеде Западниот Брег, вклучувајќи го и Источен Ерусалим, за време на Шестдневната војна во 1967 година и оттогаш го држи под окупација. Денес, таму живеат околу 700.000 израелски доселеници, меѓу три милиони Палестинци.
Ситуацијата на окупираниот Западен Брег дополнително се влоши по масакрот извршен од Хамас во Израел на 7 октомври 2023 година и последователната војна во Газа. Според палестинското Министерство за здравство, повеќе од 1.100 Палестинци се убиени на Западниот Брег оттогаш, за време на израелските воени операции, вооружени судири и напади.

