EXIT се враќа во Нови Сад по победата на студентите

По историската победа на студентското движење во Србија, организаторите на EXIT објавија дека фестивалот се враќа на Петроварадинската тврдина во Нови Сад. Иако големото враќање првично беше планирано за 2028 година, веќе во јули 2027 година ќе биде организиран специјален фестивалски настан посветен на слободата, единството и љубовта.

„По три дена прославување на оваа историска победа, на српски начин, со огромна радост потврдуваме дека EXIT се враќа дома“, соопштија организаторите.

Во објавата тие директно ја поврзуваат одлуката со победата на студентското движење во Србија.

„Секогаш велевме дека EXIT ќе се врати кога слободата ќе се врати во нашата земја. Благодарение на храброста, решителноста и неверојатната истрајност на српските студенти, тој момент конечно пристигна“, се наведува во соопштението.

Првичниот план предвидувал фестивалот да се врати во 2028 година, бидејќи за организација на настан од посакуваниот обем се потребни најмалку 18 месеци подготовки.

Но, реакциите на публиката ги промениле плановите.

Според организаторите, илјадници електронски пораки, коментари и реакции покажале дека посетителите не сакаат да чекаат уште две години.

Затоа, додека големото враќање останува закажано за 2028 година, EXIT веќе следниот јули ќе ја отвори Петроварадинската тврдина за посебно фестивалско доживување, чии детали дополнително ќе бидат објавени.

EXIT е основан во 2000 година како студентско движење за демократија и слобода во Србија, во периодот на владеењето на Слободан Милошевиќ. Од студентски протест прерасна во еден од најпознатите европски музички фестивали.

Неговото враќање во Нови Сад, по политичките промени во Србија, организаторите го претставуваат како симболично враќање кон корените на фестивалот.

„Го слушнавме вашиот повик. И се враќаме дома!“, порачуваат од EXIT.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?