Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Додик дотури сол на раните на Босна и Херцеговина: Не го признава Уставниот суд на територијата на Република Српска

Мирјана ВАСИЛЕВА

Милорад Додик ја засили најновата и насериозна криза во постдејтонска Босна и Херцеговина, меѓународната заедница „на нозе“, откако вчера, на 7 јули, го потпиша указот за прогласување на законот, што претходно беше поништен од високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Кристијан Шмит, со кој Републука Српска нема да ги признава одлуките на Уставниот суд на државата и дека тие нема да се објавуваат во Службениот весник на Република Српска, ниту да се спроведуваат.

Со тоа Додик постапи спротивно на сите укажувања и предупредувања и иако знае(ше) дека со формалното објавување на спорниот закон,тој сега е потенцијален обвинет за кривично дело дефинирано како „неизвршување на одлуките на високиот претставник“ и доколку би бил осуден, тоа би значело автоматска забрана за вршење на неговата сегашната функција.

Дополнително, Додик само го засили трендот на политичката криза во Босна и Херцеговина откако политичките претставници на Република Српска, предводени од ентитетскиот претседател Милорад Додик, во Народното Собрание на Република Српска на 27 јуни, го донесоа Законот за неприменување на одлуките на Босна и Херцеговина.

Со тоа, според експертите, не само што формално се забранува спроведување на пресудите на Уставниот суд на територијата на српскиот ентитет во оваа земја, туку станува збор и за директно кршење на државниот устав и Дејтонскиот договор, кој е составен дел е Уставот на Босна и Херцеговина.

Најголема криза од крајот на војната во БиХ во 1995 година

Уставниот суд на Босна и Херцеговина е под голем политички притисок, кој овој пат доаѓа од Република Српска, оценка е на поединечни експерти кои предупредуваат дека некој ќе мора да реагира – државата или меѓународната заедница.

Последните потези на властите во Бања Лука предизвикаа нова, длабока политичка криза во оваа земја која некои ја оценуваат како една од најголемите од крајот на војната во 1995 година. Со овој „закон“, велат тие, се нарушува уставниот поредок на Босна и Херцеговина, а со тоа се доведува во прашање и Дејтонскиот мировен договор со кој беше означен крајот на војната во Босна и Херцеговина во 1995 година.

За Дејтонскиот устав, како што го нарекуваат конститутивниот акт на Босна и Херцеговина, се вели дека е најкомплицираниот устав на светот со кој беа поставени темелите на функционалност на трите ентитети во земјата – бошњачкиот, хрватскиот и српскиот народ. Низ годините  во градењето на демократските инстиуции на локално, кантонално и на сојузно ниво, полтичките субјекти и покрај тоа што наидуваа на потешкотии  околу функционирањето на сите власти, а со помош на меѓународните претствници на Обединетите нации, честопати се поставуваше и дилемата дали е дојдено   времето  да се ревидира  Дејтонскиот устав. Сепак, досега  преовладуваше идеата водилка на симболизмот   дека Босна и Херзеговина, и покрај тоа што според Дејтон е поделена на два дела, бошњачко хрватска  федерација и Република Српска сепак  остана цела,

Според толкувачите на актуелната состојба законот што го усвои Народното собрание на Република Српска предвидува дека одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина нема да се применуваат и извршуваат на територијата на Република Српска сѐ додека Парламентарното собрание на БиХ не го изгласа Законот за Уставен суд.

Во овој спорен, односно скандалозен закон, според експертите, е наведено дека „лицата кои се должни да постапуваат според одредбите на овој закон се изземени од кривична одговорност пропишана со кривичното законодавство на Босна и Херцеговина, во однос на кривични дела поврзани со извршувањето на овој закон и ќе бидат заштитени од институциите на Република Српска“.

Претставниците на опозицијата го бојкотираа гласањето, а претходно на расправата предупредија дека тоа е уште една  шоу програма за јавноста и дека законот на крајот нема да има правно дејство затоа што сигурно ќе биде укинат од истиот Уставен суд на Босна и Херцеговина чии постапки се доведуваат во прашање.

Меѓународната заедница изрази сериозна загриженост

Според добро упатените во пост-дејтонска Босна и Херцеговина, собранијата на трите ентитети немаат овластување да отстапуваат од одредбите на Уставот на држвата и да ја регулираат јурисдикцијата на клучните дејтонски институции како што е Уставниот суд на Босна и Херцеговина.

Донесувањето на законот е спорно бидејќи, според уставот, одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина се конечни и обврзувачки, а неспроведувањето може да резултира со казна затвор до пет години.

– Ова е официјално почеток на отцепувањето на ентитетот Република Српска и почеток на уривање на уставниот поредок на Босна и Херцеговина, изјави претседателот на Претставничкиот дом на Парламентот на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ.

Трите владејачки партии сметаат дека со ова директно е загрозен мирот во земјата и го повикаа високиот претставник Кристијан Шмит да дејствува и да ги спречи последиците од таквото однесување. Истиот повик го упатија и до Обвинителството на Босна и Херцеговина, со барање без одлагање да реагира на очигледниот обид за уривање на уставниот и правниот поредок на државата.

Ова беше и повод  според своите ингеренции Високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, да го поништи законот на Република Српска со кој се забранува работата на Уставниот суд на Босна и Херцеговина на територијата на тој ентитет.

Европската Унија претходно објави дека обидот на властите на Република Српска да го поткопаат авторитетот на Уставниот суд на Босна и Херцеговина е акт спротивен на процесот за европска интеграција на земјата, истакнувајќи дека авторитетот и интегритетот на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, како највисоко правосудно тело на Босна и Херцеговина, останува несомнена.

За Соединетите Американски Држави, најновите потези на ентитетските власти во Бања Лука претставуваат сериозно кршење на Дејтонскиот мировен договор.

Со соопштение се огласи и американската амбасада во Сараево која оцени дека законот донесен во Република Српска е „непромислен напад на Дејтонскиот договор“. Во соопштението се наведува дека САД решително ќе го бранат територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина, а сите кои ќе го уништат Дејтон ќе се соочат со последици.

Претседателот на Република Српска Милорад Додик и уште неколку функционери претходно беа санкционирани од Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство, кои, меѓу другото, им забранија на локалните компании да работат со нив, а на санкционираните им го забранија патувањето во тие земји.

Најново