ДОМ побара Владата да ги објави планираните параметри за дата-центри во Бунарџик и да ги процени влијанијата врз електричната мрежа, водните ресурси и животната средина пред преземање обврски кон инвеститорите.
Реакцијата се однесува на најавата на министерот Стефан Андоновски за Национален дата-центар вреден 20 милиони евра и на преговорите за приватни комерцијални дата-центри, наведени во партиското соопштение.
Од ДОМ оценуваат дека станува збор за можен развој на нова индустриска гранка, чии потреби и последици треба да се планираат навреме.
Партијата предупредува на потенцијалната потрошувачка на енергија и вода и прашува дали е направена процена на вкупното влијание од постојните и идните капацитети во зоната.
„Бунарџик не е празно поле. Таму веќе работат индустриски капацитети што зависат од истите енергетски и водни ресурси“, наведуваат од ДОМ.
Оттаму бараат одговор како дополнителните инфраструктурни потреби би се одразиле врз компаниите што веќе работат во зоната и врз жителите на околните населени места.
ДОМ упати три барања до Владата:
- Да ја објави физибилити-студијата за Националниот дата-центар, за јавноста и експертите да добијат увид во параметрите.
- Да организира широки јавни консултации пред преземање обврски со приватни инвеститори, со учество на компаниите, локалната самоуправа, граѓаните и независните експерти.
- Да ја заокружи законската рамка за климатска акција пред одобрување нови инвестиции во податочната индустрија.
Партијата тврди дека државата сè уште нема функционален Закон за климатска акција и воспоставен систем за следење и намалување на емисиите. Според ДОМ, правилата за заштита на животната средина треба да бидат поставени пред забрзувањето на ваквите инвестиции.
Во соопштението порачуваат дека дигиталниот развој треба да биде усогласен со расположливите ресурси, климатската одговорност и јавниот интерес.

