СДСМ ги посочи премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот Трајко Славески како одговорни за влезот на Алта банка во Македонија и побара оставка од гувернерот и обвинителска истрага за случајот.
Од партијата обвинуваат дека граѓаните не можат непречено да располагаат со своите заштеди и примања, а особено се погодени луѓето што зависат од социјална помош.
„Немаат за храна, сметки, лекови, немаат за живот. Експозитурите не работат, на банкомати се чека со часови“, се наведува во соопштението.
СДСМ тврди дека истовремено на компаниите им било овозможено слободно да префрлаат пари и го обвинува Славески дека носи одлуки на штета на граѓаните.
Според партијата, Владата го отворила патот за влез на српската Алта банка, а Народната банка дала согласност за преземањето на Стопанска банка Битола. Од СДСМ потсетуваат дека уште пред 11 месеци предупредувале за потеклото на капиталот.
„Славески уверуваше дека сè е во ред, а ништо не е во ред. Сега носи погрешни одлуки на штета на граѓаните“, обвинуваат од партијата.
Во соопштението СДСМ изнесува и обвинувања дека Алта банка служела за перење пари, поврзувајќи го случајот со политички и деловни структури околу СНС во Србија и ВМРО-ДПМНЕ во Македонија.
Партијата побара Обвинителството да отвори истрага за Мицкоски, Славески и другите лица поврзани со случајот, како и да утврди кривична одговорност.
„Трајко Славески да поднесе оставка за да се спречат други штетни негови одлуки“, порачаа од СДСМ.

