Поранешниот претседател Стево Пендаровски ги отфрли обвинувањата за финансиска и деловна поврзаност со градежен објект во Скопје и порача дека никогаш немал деловни односи со лицата што ги именувал за време на претседателскиот мандат. Во реакцијата на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ, тој ја обвини партијата за фабрикување афери.
Според Пендаровски, обвинувањата се засноваат на тоа што објектот го гради лице кое тој го именувал на функција пред седум години.
„Под целосна морална, материјална и кривична одговорност тврдам дека ниту некогаш сум имал, ниту денес имам каква било деловна поврзаност со кое било лице кое согласно моите уставни и законски надлежности сум го именувал во рамките на мојот претседателски мандат“, наведува Пендаровски.
Тој додава дека институциите лесно можат да ги проверат неговите тврдења, обвинувајќи дека тие се под целосна контрола на владејачката партија.
Пендаровски ја повика ВМРО-ДПМНЕ да ја примени истата логика и кон сопствениот лидер, Христијан Мицкоски.
„Очекувам партијата уште денес да одржи прес-конференција пред Белата палата и да го праша својот лидер дали евентуално бил бизнис-партнер со својот бодигард кој беше уапсен под сомнение дека за 50.000 евра наводно оддавал службени тајни“, наведува поранешниот претседател.
Со оваа споредба, Пендаровски го оспорува поврзувањето на функционерите со деловните активности на лицата што ги именувале. Тој посочува дека таквиот пристап би можел да се примени и во други случаи во кои јавно се спомнуваат лица именувани од Мицкоски или негови блиски соработници.
Поранешниот претседател побара портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ прво да ја одржи предложената прес-конференција пред партиското седиште, додавајќи дека, според денешниот настап, „аргументите“ веќе ги поседува.

