Македонија трета година по ред бележи нула напредок во борбата против корупцијата во најновиот Годишен извештај на Европската комисија. Брисел оценува дека корупцијата останува широко распространета, а честите законски интервенции и бавните судски процеси директно ја засилуваат перцепцијата за неказнивост кај предметите од висок профил.
Законодавната рамка за спречување на корупцијата претрпе три измени во рок од три години, што според Европската комисија предизвикува сериозна загриженост за правната сигурност. Интервенциите во Кривичниот законик од јануари 2026 година воопшто не успеаја да ги отстранат штетните ефекти од спорните измени донесени во 2023 година.
Иако во законодавството беше вратена посебна одредба за злоупотреба на службената положба при јавните набавки, таа е со премногу тесен опфат и покрива само два основа. Брисел констатира дека ова е недоволно за да се санкционираат други тешки манипулации во тендерските постапки. Измените воопшто не одговорија ниту на проблемот со застарувањето, поради што судските процеси за висока корупција, вклучително и предметите од поранешното СЈО, продолжуваат масовно да паѓаат во застареност.
Стручната јавност предупредуваше на ваквиот исход. Истражувачката во Институтот за европска политика (ЕПИ), Беба Жагар, за Рацин.мк посочува дека годинашните законски интервенции претставуваат само делумна санација:
„Со измените на Кривичниот законик годинава беше предвидено да се поправат штетите предизвикани со измените од 2023 година, но со нив не беше вратена претходната правна регулација што важеше претходно. Клучните проблеми идентификувани од страна на граѓанскиот сектор и од ЕК, намалените затворски казни и скратените рокови за застареност на кривичното гонење на делото злоупотреба на службената положба и овластување при јавни набавки, останаа несанирани. Неопходно е итно донесување на новиот Кривичен законик, кој треба да биде усогласен со европските стандарди“, вели Жагар.
Во извештајот на ЕК се наведува дека квалитетот на обвиненијата, доказните постапки и судските образложенија остануваат слаби и неконзистентни. Иако се отворени истраги за злоупотреби на јавни пари, како што се случаите со директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и судењето на поранешниот вицепремиер кој по меѓународна потерница се врати во домашен притвор, преточувањето на истрагите во правосилни пресуди се соочува со системски блокади.
Паралелно со тоа, Државниот завод за ревизија редовно идентификува злоупотреби и финансиски неправилности, но надлежните органи не преземаат мерки по овие извештаи. Сличен институционален ѕид има и за иницијативите на Државната комисија за спречување на корупцијата, каде што наодите редовно остануваат без соодветна завршница од страна на обвинителството и судовите.
Коментирајќи го прекинот на овој институционален синџир, Жагар нагласува дека и покрај одредени обвиненија на ОЈО-ГОКК, процесите пропаѓаат поради долгите постапки, отсуството на пресуди со конфискација и сериозниот недостиг на кадар:
„Јавното обвинителство функционира со пополнетост од едвај една третина од стручната служба, а Министерството за финансии континуирано одбива согласност за нови вработувања, оставајќи цели обвинителства без обвинители или без форензички и стручен кадар неопходен за процесуирање на сложените ревизорски извештаи“, посочува таа.
Европската комисија подвлекува дека конфискацијата на нелегално стекнат имот останува една од најслабите алки во антикорупцискиот систем. Обвинителството за организиран криминал нема доволно финансиски експерти и дигитални форензичари, додека истражните центри во полицијата и обвинителството немаат соодветна опрема и софтверски лиценци. Претходната национална стратегија за периодот 2021-2025 година заврши со реализација на едвај 23 отсто од предвидените мерки во 2025 година, новата стратегија сè уште не е усвоена во Собранието, а владиното координативно тело за борба против корупцијата нема одржано состанок од април 2025 година.
Според Жагар, податоците покажуваат дека заглавеноста на реформите не е само прашање на празни институционални капацитети, туку директен одраз на отсуството на политичка волја, што се гледа преку недоволниот буџет за правосудството и блокираните закони за граѓанска конфискација и новиот Кривичен законик.
Критики од Брисел доби и самата ДКСК, која во изминатиот период помина низ сериозни кадровски турбуленции. Поранешната претседателка на комисијата поднесе оставка и против неа се води судски процес за оддавање службена тајна и фалсификување испит за безбедносен сертификат. Во февруари 2026 година оставка даде уште еден член поради сомнежи за конфликт на интереси, по што Собранието во јуни избра нов член, но откако претходно ја поништи почетната постапка врз сомнителни основи. Надзорот врз изборните финансии останува ограничен и се врши со рачна обработка на податоците, а укажувачите и понатаму немаат реална заштита и се соочуваат со закани, притисоци и откази од работа.

