АЛТА банка ги отвори шалтерите за клиентите без картички, ограничувањата остануваат на сила

Алта Банка

Од денеска, 5 ноември, започнува исплатата на средства на шалтерите во главната филијала на АЛТА банка во Битола за граѓаните кои имаат платежни сметки, но немаат банкарски картички. По неколкудневниот прекин на шалтерското работење, пензионерите и примателите на социјална помош ќе можат да подигнат дел од своите средства, но ограничувањата воведени од Народната банка остануваат во сила.

Според соопштението на Народната банка, максималниот износ што граѓаните ќе можат да го подигнат е 20.000 денари во период од две недели.

За исплатите ќе бидат отворени повеќе шалтери во главната филијала на улицата „Добривое Радосављевиќ“ број 21 во Битола. Граѓаните ќе добиваат СМС-пораки со точниот ден и час кога треба да дојдат во банката, а за оние што нема да можат да го испочитуваат терминот ќе бидат обезбедени дополнителни термини.

Од 6 ноември, вклучително и во сабота, 7 ноември, филијалата ќе работи во две смени.

Шалтерите се отвораат, но само за готовина

Иако отворањето на шалтерите ќе им овозможи на дел од клиентите повторно да располагаат со средства, тие ќе бидат наменети исклучиво за исплата на готовина.

Други банкарски трансакции нема да се вршат, а ограничувањата за пренос на пари надвор од банката остануваат.

Особено неизвесна е состојбата за компаниите кои имаат сметки во АЛТА банка. Според важечките мерки, правните лица можат да вршат плаќања во рамките на банката, но не и да префрлаат средства кон сметки во други банки.

Тоа отвора сериозни практични проблеми за исплатата на платите, даноците и придонесите, чиј законски рок се приближува.

Средствата остануваат на сметките, но пристапот е ограничен

Народната банка претходно соопшти дека АЛТА банка АД Битола не е во стечај и дека не ѝ е одземена дозволата за работа. Според централната банка, воведената привремена администрација е заштитна мерка поврзана со случувањата кај акционерот во Србија.

Од Народната банка тврдат дека битолската банка е ликвидна и високо капитализирана, а средствата на клиентите остануваат на нивните сметки.

Сепак, за граѓаните и компаниите останува разликата меѓу формалната достапност на парите на сметките и можноста тие навистина да ги користат за секојдневните обврски.

Народната банка најавува подготовка за отворање шалтери и во други градови, но засега нема конкретен датум кога ќе бидат достапни овие услуги, ниту кога ќе бидат укинати сите ограничувања.

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?