Над еден милион тешко ранети и загинати војници во војната во Украина

Вкупните воени загуби на Русија и Украина од почетокот на војната надминаа еден милион луѓе, покажуваат анализите на отворените извори и западните разузнавачки проценки. Оваа бројка се однесува на вкупните загуби – загинати, исчезнати и тешко ранети војници исфрлени од строј – додека бројот само на загинатите на двете страни се проценува на повеќе од половина милион борци.

Киев и Москва ги третираат прецизните податоци за сопствените жртви како строга воена тајна, но проектите што следат јавни податоци и независните демографски анализи даваат појасна слика за размерите на настраданите.

Кај руските сили, проценките на западните служби и независните истражувачи покажуваат меѓу 600.000 и 700.000 вкупни загуби, што ги опфаќа загинатите, ранетите и исчезнатите. Од нив, според потврдените некролози преку проектот на Медиазона и Би-би-си, како и податоците од регистрите на оставински постапки, бројот само на загинатите руски војници изнесува меѓу 150.000 и 200.000, со тенденција таа бројка да надминува 250.000 доколку се пресметаат и формациите од Доњецк и Луганск.

На украинската страна, проектот УАЛосес бележи повеќе од 100.000 поименично потврдени загинати припадници на вооружените сили. Регистрирани се и над 100.000 исчезнати лица, за кои воените аналитичари наведуваат дека во најголем процент (меѓу 80 и 85 отсто) се загинати војници чии тела не можеле да бидат извлечени од божиштето. Заедно со ранетите кои повеќе не можат да се вратат во борба, вкупните украински загуби се проценуваат на меѓу 350.000 и 400.000 луѓе.

Масовната примена на беспилотни летала на линијата на фронтот целосно ја оневозможува брзата медицинска евакуација на ранетите. Поради тоа, воените лекари и аналитичари предупредуваат дека класичниот воен сооднос, каде на еден загинат доаѓаат тројца или четворица ранети, во оваа војна е драстично поместен кон поголема смртност кај настраданите борци на двете страни.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?