Шпанските работници денеска излегоа на масовен генерален штрајк поради високите кирии и недостатокот на домови, блокирајќи фабрики, пристаништа и јавен превоз на три недели пред предвремените парламентарни избори. Ова е прв ваков заеднички протест на најголемите синдикати во земјата по 14 години.
Синдикатите УГТ и ЦЦОО, заедно со здруженијата на станари, организираа прекин на работата низ целата земја и покрај невремето и поројните дождови. Главниот притисок е насочен кон растот на трошоците за домување, во услови кога според податоците на Централната банка на Шпанија, на земјата ѝ недостигаат околу 750.000 станбени единици – дефицит што се очекува да надмине еден милион до 2028 година.
Просечната кирија во Шпанија достигна 1.176 евра месечно, што според Националниот совет за млади претставува дури 98,7 отсто од просечната плата на младите луѓе. Неможноста за осамостојување и зголемениот број присилни иселувања предизвикаа серија улични протести, кои денеска ескалираа во целосен штрајк.
Според податоците на синдикатите, одѕивот достигна 90 отсто во пристаништата и автомобилската индустрија, каде целосно запре производството во фабриките на Сеат во Барселона и Фолксваген во Навара. Потрошувачката на електрична енергија во земјата падна за 10 проценти, што покажува сериозен прекин во тешката и петрохемиската индустрија. Пониска излезеност е регистрирана во здравството со 38 отсто и поштенските служби со 35 проценти.
Инциденти се забележани во Мадрид на пазарот Меркамадрид, каде полицијата приведе едно лице, а биле интервенирано и со солзавец при обидите на демонстрантите да го блокираат автобускиот сообраќај. Во Андалузија регионалната телевизија Канал Сур го прекина емитувањето на утринската програма во знак на поддршка.
Бизнис секторот, преку конфедерацијата ЦЕОЕ, го оцени штрајкот како контрапродуктивен. Од организацијата посочуваат дека кризата подеднакво ги погодува и малите претпријатија и побараа намалување на даноците во градежништвото, наведувајќи дека давачките ја зголемиле цената на новите станови за 40 отсто во изминатата деценија.
Штрајкот доаѓа во критичен политички момент за премиерот Педро Санчез пред изборите закажани за 29 ноември. Владата се обидува да ја насочи одговорноста кон десничарската опозиција која раководи со голем дел од регионите, додека синдикатите и демонстрантите сметаат дека централната власт не презема доволно мерки по падот на законските уредби за ограничување на кириите.

