Како Мицкоски со записник од 2023 се обиде да ја префрли одговорноста за Алта банка

Христијан Мицкоски седна пред пратениците како прв сведок на надзорната расправа за Алта банка. На прашањата за преземањето на Стопанска банка Битола во 2025 година, премиерот одговори со документ од 2023 и со порака дека одлуката ја донела претходната влада. Но акциите за кои зборуваше во тој дел од исказот биле македонски акции во банка во Белград. Две години подоцна, банката од Белград стекна контрола врз банката во Битола.

Како акциите во Белград станаа „одлука за влез“ во Битола

„Одлуката за влез на Давор Мацура ја носи Владата на СДСМ со ДУИ“, рече Мицкоски, покажувајќи извадок од нацрт-записникот од 24 октомври 2023 година. Премиерот тврдеше дека тогашната влада му наложила на Државното правобранителство да влезе во деловни односи со Мацура и да ги отуѓи македонските акции во Алта банка Белград. Самиот Мицкоски во исказот кажа каде биле акциите. Со зборовите „одлуката за влез“ на тој документ му припиша значење за преземањето во Битола.

Венко Филипче по расправата излезе со поинакво толкување на истиот записник. Според него, Мацура побарал да ги купи акциите што Македонија ги добила со сукцесијата на СФРЈ, Владата не дала согласност за продажба, а Правобранителството било ангажирано да ги заштити државните интереси во Србија по принудниот откуп на малцинските акции.

Берзанските документи потврдуваат за која банка станува збор. Во извештај објавен на Белградската берза во 2022 година, македонското Министерство за финансии е наведено како сопственик на 5.010 акции, односно 1,74 отсто од Алта банка Белград. На 19 септември 2023 година берзата ги исклучила акциите на белградската банка од тргување по завршената постапка за принуден откуп. Тоа било повеќе од еден месец пред владината седница на која се повика Мицкоски.

На расправата беше посочен и друг документ од 2023 година. На 6 јуни тогашната влада дала согласност за продажба на акциите во Стопанска банка Битола што ги поседувала Агенцијата за управување со одземен имот. Во таа одлука, објавена во „Службен весник“, нема именуван купувач.

Што направи Владата на Мицкоски во 2025 година

Народната банка ја издала претходната согласност за стекнување квалификувано учество на Алта банка Белград во Стопанска банка Битола на 1 септември 2025 година. На 23 септември, на предлог на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, Владата им укажала на 16 субјекти во рок од три дена да ја разгледаат понудата на Алта банка. Ако утврдат дека нема законска пречка за продажба, одговорните лица требало да достават писмена изјава за прифаќање до 10 октомври.

Записникот го документира учеството на Владата во постапувањето по понудата. Од него не може да се утврди кои од наведените акционери ги продале своите акции. На 16 октомври Комисијата за хартии од вредност ја прогласила понудата за успешна. Со новостекнатите и со претходно поседуваните акции, Алта банка Белград тогаш достигнала 93,26 отсто од акциите на битолската банка.

Прашањето на кое треба да одговори сведокот

Гувернерот Трајко Славески јавно кажа дека се консултирал со Мицкоски за влезот на Алта банка. Што му било кажано на премиерот за купувачот? Каков став изнел во разговорот со гувернерот? И врз кои информации неговата влада ги донела заклучоците за понудата три недели по согласноста на Народната банка?

Со записникот од 2023 година, Мицкоски се обиде надзорната расправа да ја сведе на прашањето кој прв имал работа со Мацура. За неговата улога како премиер, одговорот е во тоа што знаел, што кажал и што презела неговата влада кога Алта банка навистина ја преземала банката во Битола.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?