Делегацијата на ЕУ во Скопје изрази сериозна загриженост за насилството врз жените по најновиот случај на фемицид во Северна Македонија. Според Делегацијата, само годинава се пријавени седум случаи на фемицид.
Европската комисија во извештајот за земјата за 2026 година посочува недостатоци во пријавувањето, истрагата и гонењето на случаите на насилство. Комисијата укажува на потребата од подобро спроведување на мерките, одржливо финансирање, посилни институции и ефикасна заштита на жртвите.
Извештајот посочува и дека домашното законодавство треба дополнително да се усогласи со Директивата на ЕУ за насилство врз жените и семејно насилство.
Делегацијата ги повика институциите и сите засегнати страни да преземат мерки за спречување натамошни фемициди, да им овозможат пристап до правда на жртвите на семејно насилство и да ја зајакнат институционалната поддршка за нив.
